ВЕСТ НА ДЕНОТ
ОЈО поведе постапки за 11 лица за службена злоупотреба при издавање патни исправи
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе две кривични пријави, едната од Единицата за финансиски криминал при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал-Сектор за криминалистички истраги и втората од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.
Како што соопштија од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, со пријавите се опфатени вкупно 11 лица за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи, при што осомничените им овозможиле на странски државјани да се стекнат со патна исправа на Република Северна Македонија под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Притоа, се наведува во соопштението, се користел идентитет на лица кои живеат во дијаспората.
Со втората пријава се опфатени четири незаконски издадени пасоши при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на едно лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето кое бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Ако нудите документи и докази, а тоа не го правите во Јавното обвинителство, се отвораат многу дилеми за кои треба да се даде одговор. Ако имаме предвид дека еден од уапсените е во тесна врска и секојдневни контакти со лидерот на опозицијата, тогаш се отвора сериозна дилема зошто тоа е направено… Дел од документите кои ги има ВМРО-ДПМНЕ се од институцијата МВР“, изјави Спасовски во Утрински брифинг.
Тој вели истрагата била водена повеќе од година дена со вклученост на стратешките партнери Интерпол од Лион и Интерпол Скопје. Разговорот со министерот Спасовски го водеше Сашо Орданоски во Утрински брифинг.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЗДРАВСТВО Осум лекари од приватните болници од утре ќе бидат на располагање на јавното здравство и ќе се вклучат во постојниот систем на ротација во рамките на клиниките во Скопје, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
КОВИД МЕРКИ Од денеска до 20 април ќе бидат затворени сите угостителски објекти низ државата, како и рестораните и кафетериите во хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување. Оваа одлука ја донесе Владата, со цел превенција и заштита на граѓаните од Ковид-19.
ИНСПЕКЦИИ Вкупно осум угостителски објекти се затворени поради непочитување на протоколот за работа. По два угостителски објекта се од Скопје и Битола и по еден во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово.
СВЕТСКИ ДЕН НА ЗДРАВСТВОТО Минатата година во ноември околу стотина граѓански организации излегоа со заедничка реакција за ставање крај на профитерството во време на здравствена криза. Меѓу потписниците на реакцијата се и ЦИВИЛ, Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Маргини, МЦМС, Метаморфозис… Барањата на граѓанските организации може да се прочитаат ТУКА.
БУГАРИЈА ПО ИЗБОРИ Премиерот во заминување и лидер на партијата ГЕРБ, која освои најмногу гласови на неделните парламентарни избори во Бугарија, Бојко Борисов, денеска го повика Слави Трифонов од партијата „Има таков народ“ да ја преземе политичката одговорност во земјата.
Д.Тахири