ВЕСТ НА ДЕНОТ
Вртоглава бриселска агенда на премиерот
Агендата на премиерот Зоран Заев во Брисел е навистина динамична. Тој денеска се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Заев упати порака до претседателката Фон дер Лајен за уште поактивно вклучување на ЕК во изнаоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.
Премиерот Заев уште нагласи дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.
Премиерот денеска се сретна и со еврокомесарот Вархеји кој ја пречека македонската делегација со пораката дека неговата цел, како и целта на Европската комисија е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Билатералната соработка и имплементацијата на Договорот од Преспа ќе бидат темите за кои во четврток, ќе разговараат премиерите на Грција и Северна Македонија Кирјакос Мицотакис и Зоран Заев на нивната средба во Атина.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порача на средбата со претседателката на ЕК Фон дер Лајен премиерот Заев.
ЦИВИЛ ВО ЖИВО
ЦИВИЛ во живо со Џабир Дерала, во која ќе слушнете малку повеќе за панел дискусијата „Какви закони, такви избори“, закажана за среда, 12 мај. Исто така, Дерала сподели еден дел од препораките на ЦИВИЛ за изборните реформи. Една изборна единица и сосема нов изборен законик се дел од тие препораки.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОВИД-19 Скратен полициски час, работа на угостителските објекти во отворените делови до 23:30 часот и отпочнување на работа на вежбалните, фитнес центрите и теретаните, се дел од олабавените рестриктивни мерки што Главниот координативен кризен штаб и препорачува на Владата да ги усвои.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ја прими вакцината против Ковид-19.
Сеуште е рано да не се носат маски на отворено, рано е и за свадби и концерти. Вакцинирани се околу 110 илјади граѓани, а сега се вакцинираат оние 170 илјади граѓани кои се пријавиле на сајтот „vakcinacija.mk“ до 30 април.
ИНТЕГРАЦИИ Северна Македонија го одработи својот дел од обврските. Време е ЕУ да испорача, без одложување, бидејќи секоја поинаква одлука ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ пред целиот Западен Балкан.
ПОЛИТИКА Изјавите на еврокомесарот Оливер Вархеји за можно разделување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, предизвикаа бура од негодување во кругови на ЕУ и меѓу познавачите на приликите во Југоисточна Европа.
Идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија, се согласиле на средбата во Брисел премиерот Зоран Заев и еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Оливер Вархеји.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. Нејзин домаќин е претседателот Стево Пендаровски, кој ќе ја пречека Зурабишвили пред Вила Водно на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести.
Претседателот Стево Пендаровски денеска во претседателскиот кабинет на церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, со што започна нејзината официјална посета на Република Северна Македонија.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во рамките на неговата посета на Брисел, денеска оствари средба и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, пред денешниот состанокот на министрите на ЕУ во Брисел, изјави дека на ЕУ и е потребен дополнителен политички ангажман и стратешки пристап кон Западен Балкан
ПРАВДА Одбраната на Јовановски бара укинување на пресудата, Јанева не дојде во Апелација.
Судењето за случајот „Титаник” денеска продолжи со изведување на докази. Следното рочиште за овој случај е закажано за 17 мај, за кога се повикани повеќе сведоци.
КУЛТУРА Потпишан Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Северна Македонија и Грузија.
ОПШТЕСТВО Независната угостителска комора утринава до Владата доставила барање за измена на јавниот повик за финансиска поддршка на угостителите со цел да бидат опфатени сите угостители на кои со владината одлука од 5 април им беше забрането да работат.
Одделот за специјални полициски операции добива неколку различни нови униформи.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Руските баќушки, намерно или не, ја „рокнаа“ руската химна на својот разглас и го прекинаа Димитров додека говореше за раѓањето на Европската Унија. Вообичаено смирен, тој не се збуни, барем не премногу, па на англиски јазик само рече дека додека трае „ова“, ќе направи пауза. Елегантно, колку може да дозволи една таква приземна ситуација. Упадот на руската химна го нарече „ова“ (this). Таман.
Без оглед на тоа колку и на кој начин „судирот“ меѓу двата настани по повод Денот на Европа, 9 Мај, се должи на некоординираност, па и гаф на организаторите или беше недипломатска грубост и дрскост, не е многу важно. И едното и другото не се изненадувачки. Би било чесно руската страна да се извини, но тоа би било единственото изненадување во оваа ска́зка“ пишува Џабир Дерала во колумната „Короткая ска́зка о достоинстве и порядочности“.
„Не знам зошто се зачудив, но во куќата беше многу чисто. Имаше купишта касети. Слушавме Мајкл Џексон и игравме (плеткавме) мун-волкинг до премаленост. Дојде и Алајдин со онаа негова широка насмевка, беше поинаков – поинаку весел. Ме гушна силно. Не знам зошто. Потоа дојде и Мазес. Носеше еден од оние нејзини долги фустани. Не знам зошто но не сакав да си признам дека беше убава. Игравме дури не се стемни. Ако сакаш преспиј тука не е проблем ми рече Саме. Се заблагодарив и тргнав накај дома“ – пишува Јане Ѓорѓиоски во колумната „Бинас“.
И. Крџиќ