ВЕСТ НА ДЕНОТ ЦИВИЛ одбележа пет години Шарена револуција
По повод јубилејот Пет години Шарена револуција, ЦИВИЛ организираше денес програма во живо, која започна во 12 часот. Програмата беше пренесувана на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
На настанот се поканети и говореа за шарената револуција 14 соговорници: Владанка Димковска- актерка и активистка, Сашо Орданоски-политички аналитичар Бојан Маричиќ- министер за правда, Кате Колозова- професорка, Ненад Јовановиќ- експерт, Ацо Кондев – фотограф, Јане Ѓорѓиоски – новинар и активист, Мирјана Најчевска- професорка, Павле Богоевски – активист, Зоран Иванов- новинар, Миле Милановиќ-активист, Агрон Биба-автор и актер кои учествуваа во Шарената револуција, како и во низа други протести за демократија, правда, слобода и еднаквост во нашата земја, како и Дехран Муратов и Петрит Сарачини од тимот на ЦИВИЛ. Настанот го модерираше Џабир Дерала.
Пораката на Цивил, по повод овој ден е: Борбата за човекови права и слободи, правда, слобода и еднаквост во нашето општество продолжува. Сеќавањата на Шарената револуција мора да продолжат да живеат како сведоштва за моќта на гласот на обесправените, моќта на граѓанките и граѓаните кои сите овие години не останаа неми, глуви и слепи на неправдите.
„На истекот од петте години од почетокот на едно од најважните граѓански движења за демократија и правда, најважната придобивка од „Шарената револуција“ е јасниот и гласен изблик на граѓаните дека никој не може да им ја одземе слободата и да ги зароби општеството и државата и дека тие знаат да застанат во одбрана на овие вредности и да се спротивстават на брутален режим“, објави Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
„Континуираните, секојдневни и ненасилни протести низ симболот на боите го изразуваа обединетото граѓанско општество со знамињата во разни бои кои се вееја во долгите колони. Ова движење беше шарено во својата суштина, затоа што здружи граѓани со разни идеолошки убедувања, од различни политички партии, од најширокиот спектар на граѓанските организации од целата земја, од различни етнички заедници и какви било други припадности.
„Шарена револуција“ предизвика огромни промени во македонската политичка и општествена реалност. Процеси кои потоа поминаа низ институционалната рамка откако претходеа реформи во правосудството, во изборниот законик, во медиумите и во јавната администрација, изјави премиерот Заев.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМИЈА Министерството за финансии на својата веб-страна го објави Календарот на даночна регулатива – нова алатка за транспарентност и поголема предвидливост на бизнис климата во земјава.
КОВИД-19 Над 600 новинари и медиумски работници денеска се вакцинираа во салата „Борис Трајковски“.
Организаторите на настани, почнувајќи од денеска, ќе протестираат секој ден пред Владата сé до постигнување на взаемно прифатливо и одржливо решение.
Вакцинирани 25.000 граѓани во СЦ Борис Трајковски.
ПРАВДА Одбраната на Камчев смета дека доказните прибирани на незаконит начин или со кршење на слободите и правата, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука, по што кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје му ја продолжи за уште 30 дена мерката притвор на Јордан Камчев
КОРУПЦИЈА Додека за претераната урбанизација и градежна експанзија граѓаните сметаат дека е резултат на коруптивни активности на локалната власт, сепак во голема мера тоа се должи и на пасивната и поларизирана јавност.
ИЗБОРИ „Прирачник за млади гласачи“ претставува иницијатива за воспоставување на понепосредна и поголема двонасочна комуникација помеѓу ДИК и младите луѓе, со цел на лицата кои за прв пат гласаат да им се обезбеди полесен пристап во рамки на изборните процеси, како и соодветно информирање за нивните права, можности и законски обврски.
ПОЛИТИКА Премиерот Зоран Заев по средбата во Собранието со лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, изјави дека имале успешен напредок и сериозен исчекор во разговорите, истакнувајќи дека до крајот на неделава на основа на анализата која експертите ќе ја направат, ќе може да се финишираме со законското решение за државјанствата.
Ако некој го прекрши законот ќе си одговара, без разлика со кого е близок, се дружел или пиел кафе, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарјаќи на новинарско прашање во врска со обвинувањата од страна на опозицијата за вмешаност на негов братучет во запленетата дрога во вредност од 800 илјади евра при заедничката акција на МВР и на ДЕА.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Магистратурата помага да се стекне специјализирано знаење за да се напредува во областа која се студира, истражува. Како што се развива работната сила, постдипломски студии покажуваат дека посветеноста е на подобрување на експертиза и кредибилитет. Може да се фокусира на одредено поле на студии, што помага да се стане поконкурентен во областа која сакаме. Придобивките од магистратура, исто така, можат да помогнат да се надградат тековни способности, нови вештини, па дури и да се премине на целосно ново поле. Со магистратура, може значително да се зголемат приходите. Во просек, вработените со диплома во Соединетите Американски Држави заработуваат 65.400 УСД годишно, додека оние со магистратура заработуваат просечен годишен приход од 80.200 УСД – зголемување за 23 проценти. Но ова е само во западните земји, а во Република Северна Македонија од 2014 година заработка од плата или повисока плата нема за магистри и доктори на науки.„ Пишува Сафит Зеќири во колумната „Магистратура само за титула “М-р”, не и за повисока плата“
„Протестот, односно правото на протест како јавен колективен или индивидуален истап против неправилно делување, е едно од основните човекови права и слободи, коишто ние како општество го применувавме масовно во изминатите години, во борбата против еден криминален режим. Протестот е најживата и моќна форма на искажување револт и незадоволство кон одредена неправилна појава, и како таква, често е најинструментализирана и манипулирана форма на дејствија на темни структури во секоја земја во светот, како и кај нас. Во општествено политичките превирања во нашата земја, години наназад се прибегнува кон протест, односно, јавниот истап се користи како укажување кон многу аномалии, криминал и корупција во највисоките државни институции.“ пишува Дијана Тахири во колумната „Протест -прочистувачки елемент на општеството“
„Шарената револуција заврши, но нејзините идеали и ден денес се присутни и се чувствуваат во општеството. Шарената револуција беше повеќе од фарбање со боја на Триумфалната капија, Собранието, Владата… шаренилото беше во тоа што на протестите присуствуваа и стари и млади, и машки и женски, и хетеро и хомосексуалци, и стрејт и геј лица, и православни и муслимани и атеисти, и Македонци и Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци… едноставно на никој не му беше важно кој од каде доаѓа.“ пишува Дехран Муратов во колумната „Шаренилото на Шарената револуција“.
„Не знам дали видовте, најгнасните удари по прекарните работници, т.е. хонорарци во Владата дојдоа токму од оние што се продаваат во јавноста како нивни заштитници. Почнувајќи од димчињата и партијата која се декларира како заштитник на работниците, па се до некои бивши и сегашни демек „синдикални“ активисти. А знаете зошто?
Затоа што тие немаат врска со работничките права, ниту со маките на хонорарците и авторите со непостојан ангажман,“ пишува Петрит Сарачини во „Тие што треба да ги заштитуваат, удрија најсилно по хонорарците“.
К.И.












