Информации и пораки за разговорите за формирање нова влада упатија и вчера преку соопштенија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, партиите што на неодамнешните парламентарни избори освоија по 46, односно 44 пратеници и по конституирањето на Собранието пред четири дена влегоа во трката за ново парламентарно мнозинство.
Од СДСМ вчера преку соопштение информираа дека водат сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите за формирање Влада со нов четиригодишен полн мандат, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот.
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски вчера попладне имал средба со организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби, со кого имале конструктивна дискусија за потврда на заложбите на сите граѓани за мир, стабилност, безбедност и соработка во земјата и региовојонот, здрави меѓуетнички и соседски односи, економски развој, правна држава, чиста животна средина и општествена благосостојба.
Разговарале за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат и потврдиле дека немаат друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на соопштението од СДСМ и вчера побара да кажат „кои се партиите од новото мнозинство и која е цената за таквата коалиција“.
Претходно, во одговор на новинарско прашање портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, го повтори ставот на партискиот лидер Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ прават напори за формирање парламентарно мнозинство. Арсовски потсети на објавената информација дека завчера се одржала средба на Мицкоски со Али Ахмети, лидерот на ДУИ, досегашен коалициски партнер во Владата на СДСМ, кој на изборите освои 15 пратенички мандати.
Мицкоски, претходно изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да формира влада, но не по секоја цена.
Претседателот на Алтернатива, која во коалиција со Алијансата за Албанците освоија 12 пратенички мандати, Африм Гаши е оптимист дека ќе се формира нова влада и пред истекот на 20-те дена по доделување на мандатот и дека нивната коалиција со Алијансата за Албанците ќе биде дел од неа. Чекаат да бидат повикани на преговори доколку, како што рече, ДУИ не успеат да ја реализираат најавата за премиер Албанец.
Генералниот секретар на Движењето Беса, еден од коалициските партнери на СДСМ во изборите, во неделната колумна за весникот „Коха“, Аријанит Хоџа, пак, порача дека во согласност со одлуката на граѓанита, Албанците не смеат да останат без опозиција и оти тие мораат да имаат таква опција.
По конституирањето на Собранието пред четири дена ДПА соопшти дека на средба на нејзиниот лидер Мендух Тачи со Заев СДСМ и понудил партијата да биде дел од новата владина коалиција.
„Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите“, информираше Азем Садики од ДПА на својот Фејсбук профил.
По предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јуни, пред четири дена се конституираше новиот парламентарен состав и почна да тече 10 дневниот рок за формирање парламентарно мнозинство, по што претседателот на државата треба да го додели мандатот за формирање Влада. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.