Пратениците во црногорскиот Парламент денеска нема да гласаат за смена на претседателката на Собранието, Даниjела Ѓуровиќ откако парламентарното мнозинство од трите коалиции предводени од Демократскиот фронт, Демократите и Граѓанското движење УРА во текот на денот потпишаа политички договор со кој се обврзаа да формираат нова влада на Црна Гора во следните 15 дена.
Денешниот состанок на мнозинството составено од коалицијата на прорускиот Демократски фронт, партијата Демократска Црна Гора на Алекса Бечиќ и Граѓанското движење УРА на Дритан Абазовиќ се одржа откако Парламентот на 19 август и изгласа недоверба на владата на Абазовиќ, што беше поддржана од Демократската партија на Социјалистите (ДПС) на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
Договорот за целите на обновениот сојуз, што денеска беше потпишан, го предложи Демократски фронт. Како цели се наведени: демонтирање на поранешниот режим на Демократската партија на социјалистите, борба против корупцијата и организираниот криминал на сите нивоа, спроведување реформи за вонредни парламентарни избори, економските реформи, пополнувањето позиции во судството, посветеноста на евроинтеграциите, почитување на сите меѓународни обврски и ставање мораториум на сите идентитетски прашања кои го делат општеството.
Во потпишаниот документ, меѓу другото, се нагласува дека ниту една структура, која не го формира парламентарното мнозинство од изборите во 2020 година, не може да биде вклучена во меѓусебните договори.
Поради самоволието на поединци и давање пауза до следно известување, Собранието повторно станува заложник на задкулисните и перфидните постапки на партиите од тројната коалиција, која по 30 август 2020 година го запре редовното функционирање на Црна Гора, соопшти пратеничката група на Демократската партија на социјалистите (ДПС).
Потпретседателката на Собранието, Бранка Бошњак на барање на Демократскиот фронт, одреди пауза на седницата на Собранието на чиј дневен ред е расправата за разрешување на претседателката на Парламентот, Данијела Ѓуровиќ.
Од пратеничката група на ДПС соопштија дека паузата е дадена до натамошно известување без да се наведе конкретна причина и елементарно повикување на дел од одредбите на важечкиот Деловник за работа на Собранието, објави државната агенција МИНА.
Тие порачуваат дека за да се зачува шансата Црна Гора да тргне по евроинтеграцискиот пат, неопходен е функционален Парламент, со цел да се искористи минималната можност за деблокирање на преговарачкиот процес.
Комплетното денешно препукување, со цел да се зачуваат фотелјите, но и борбата да дојдат до нив оние кои сè уште не успеале да седнат, покажува до кои размери и граници е поривот и мегаломанската желба за моќ на исфрустрираните вечни губитници од црногорската политичка сцена, се додава во соопштението.
Пратеничката група на ДПС додава дека граѓаните во последните две години на најдобар начин виделе дека оние на кои им дале доверба не го земаат предвид државниот интерес, туку само работат во корист на зачувување на привилегиите.