Главна тема за коментирање на социјалните мрежи е наводната (измислена) изјава на министерката за одбрана Славјанка Петровска, дека Македонија како дел од НАТО ќе ја нападне Русија доколку дојде до воружен конфликт со Украина.
„Измислувањето лажна конструкција, ширењето на истата и на крај исмевањето кое успева да го сокрие фактот дека се исмева нешто измислено, а не вистински кажаното е, самото по себе, загрижувачко. Меѓутоа, зад оваа и ваква реакција може да се видат и многу посериозни проблеми и тоа треба многу да нѐ загрижи“, пишува Мирјана Најчевска.
Најактивни на социјалните мрежи се членовите и симпатизерите на политичката партија Левица, кои преку „досетки“ или според нив „духовити вицови“ се обидуваат да ја оправдаат руската агресија врз Украина. Еден од најактивните е членот на Левица, Н.К. Митев кој дневно објавува по неколку содржини прво на Твитер, а потоа и на Фејсбук страната „Интересни Фејсбук статуси“.
Но, членот на Левица, покрај „досетките“ споделува и лажни вести и дезинформации со тоа што објави фотографија во која пишува „НАТО хеликоптери симнуваат контејнери полни со оружје помеѓу селата Гајре и Шипковица, летото јуни, јули, август 2001“.
Дел од твитерџиите во коментар му одговорија дека е само обичен лажго, споделувајќи ја вистинската вест.
„Левичарите“, не толку умешно, се обидуваат да ја искористат руско-украинската криза за да ја промовираат својата анти-НАТО, анти-албанска кампања. Повторно го користат моментот да промовираат национализам и меѓуетничка нетрпеливост.
Пропагандистите на Левица си смислиле лажна изјава за да имаат подлога и причина да смислуваат „вицови“ преку кои ќе навредуваат, омаловажуваат, дискридитираат, а најважно од сè да ја истакнат силата на Русија и Путин.
Како и до сега, ЦИВИЛ ќе продолжи да ги брани човековите права и слободи, ќе ги разобличува лажните вести и дезинформации, ќе им застане на патот на националистите кои преку нивните „досетки“ и „вицови“ ќе шират (руска), анти-НАТО и анти-ЕУ пропаганда.
Прашањето е колку (рубљи) чини ова „исмевање“ и колкав е хонорарот за еден „виц“?!