На повидок е нова војна во државниот врв, премиерот Пленковиќ наесен ги презема воените овластувања на претседателот Милановиќ. Законот експлицитно ќе предвидува дека во мир со армијата командува министерот за одбрана и дека претседателот повеќе не може да пензионира генерали, објави „Јутарњи лист“.
Министерството за одбрана наскоро до јавноста ќе достави предлог за измени на три клучни закони – Законот за одбрана, Законот за служба во вооружените сили и Законот за правата од пензиско осигурување на активниот воен персонал, полициските службеници и овластените службени лица. Според информациите на Јутарњи лист, владата има намера да гласа за овие измени на законот наесен.
Како што пишува „Јутарњи“, предложените измени ќе доведат до нова жестока пресметка меѓу претседателот на Републиката Зоран Милановиќ – премиерот Андреј Пленковиќ – министерот за одбрана Марио Баножиќ.
Во мај Пленковиќ и Баножиќ најавија измени на Законот за одбрана, со што ќе се реши, како што тогаш се наведуваше, „нејасноста на одредени членови“.
Според „Јутарњи лист“ се алудираше на член 70 од Законот за одбрана, со што попрецизно би се дефинирал командата и контролата на вооружените сили и јасно би било наведено дека во мир началникот на Главниот штаб прима наредби и други решенија од министерот за одбрана и е одговорен за нивното спроведување.
Подготви: Д.Мишев