ВЕСТ НА ДЕНОТ Премиерски панел на „Преспа форум дијалог“
На вториот ден на Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна”, се одржа премиерскиот панел, на кој се обратија премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, премиерот на Република Албанија Еди Рама, премиерката на Република Србија Ана Брнабиќ, премиерот на Република Косово Албин Курти, како и министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау, сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.
“Неодамнешниот успешен самит на НАТО, со усвојување на стратешкиот документ НАТО 2030, повторно се посветуваме на основните принципи на Алијансата и партнерството со политички активности и практични алатки. Еден ден подоцна, по Самитот на НАТО, Самитот ЕУ-САД докажа дека овие транс-атлантски врски треба да бидат посилни, стабилни, ефективни, инклузивни и со редовен дијалог и поставување заедничка транс-атлантска агенда за ерата после КОВИД-19“, изјави меѓу другото премиерот Заев.
„Ние го одбравме овој пат затоа што тоа е единствениот пат за Албанија и за Северна Македонија. Тоа не е процес во кој ги ставате на брод двете земји и ги упатувате кон Брисел“, рече албанскиот премиер Рама.
„Преспа форумот за дијалог“ е одлична идеја што го слави Договорот од Преспа кој не поучи да се свртиме кон иднината“, потенцираше српската премиерка Брнабиќ.
„Во следните 4 години имаме добра шанса затоа што САД има претседател кој го познава регионот и затоа што го најави својот интерес за враќање во Европа и во регионот“, рече премиерот на Косово, Курти.
„И покрај разочарувањата од одлуката на Брисел да го одложи проширувањето со земјите членки на Западен Балкан, во Босна и Херцеговина останува највисоко меѓу приоритетите на граѓаните членството во ЕУ и НАТО“, изјави Зоран Тегелтија, претседавачот на Советот на министри на Б и Х.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Заев: Унапредувањето на регионалната соработка е неминовна за европеизацијата на Балканот
„За Западен Балкан од исклучителна важност е најавата на претседателот Бајден за враќање на силното присуство на Соединетите Американски Држави на светската сцена со ангажирана дипломатија заснована на најскапоцените демократски вредности на оваа земја и наш стратешки партнер.
Ова е добра прилика да ја изразам и нашата благодарност за постојаната, отворена и искрена поддршка на Америка за нашите аспирации колку што може поскоро да ги започнеме преговорите за членство со Европската Унија.
Отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ останува наш највисок стратешки приоритет, а ја користам оваа прилика уште еднаш да го потенцирам она што верувам е јасно и за Брисел, дека билатералните прашања немаат место на преговарачката маса, став за кој недвосмислено се согласивме со Помошникот Државен Секретар Филип Рикер.
Северна Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Република Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди. Посветени сме да работиме со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но има некои прашања за кои не може да се преговара.
Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение до Самитот ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен.
Ја имаме поддршката на САД во овој поглед и таа има огромна важност. Сега повеќе од кога било, едногласни сме дека унапредувањето на регионалната соработка е неминовна за европеизацијата на Балканот, а таа пак е таа е суштински дел од нашиот пат до членство во ЕУ.
Наш подеднакво важен долгорочен интерес е дополнително интензивирање на одличните билатерални политички, економски и културни односи со Соединетите Американски Држави. Нашиот Договор за стратешко партнерство од 2008 година е еден од фундаментите врз кој градиме уште поблиски врски во многу области“, изјави премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со В.Д. помошникот државен секретар за Европа и Евроазиски прашања на САД, Филип Рикер.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ СДСМ на 13 јули ќе ги објави првите 20-тина кандидати за градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ веќе има дефинирано 15-на комплетно нови имиња и до средината на месецов ќе соопшти уште толку.
ПОВИК ЗА ГРАНТОВИ Независната истражувачка организација Реактор – Истражување во акција (Северна Македонија), објавува повик за доделување на грантови во рамки на проектот: „Унапредување на родовата еднаквост преку процесот на пристапување во ЕУ“, кој го работи во партнерство со Rights for all од Босна и Херцеговина (БиХ), Albanian Women Empowerment Network (AWEN) од Албанија, Kosovo Women’s Network (KWN) од Косово, Women’s Rights Centre (WRC) од Црна Гора и Kvinna till Kvinna Foundation од Шведска.
САЈБЕР СИГУРНОСТ Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница усвои ИКТ стратегија за периодот 2021-2023 година. Оваа стратегија, по минатогодишните проблеми со неможноста да се видат резултатите од парламентарните избори, според членот на ДИК Бобан Стојановски, ќе придонесе за јакнење на довербата на граѓаните во Комисијата, како и на учесниците во изборниот процес.
ИНТЕРВЈУ
Мерко: Граѓаните не ме пуштаат да си одам
„Сè уште не одлучив дали ќе се кандидирам за градоначалник на следните локални избори, односно имаме партиски одлуки кои треба да се донесат, но како што гледам граѓаните не ме пуштаат и понатака, и сега не знам што да направам, во двоумење сум“, изјави градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, на прашањето на ЦИВИЛ Медиа – дали повторно ќе се кандидира на следните локални избори.
Трпевски: Има околу 1000 депонии во руралните средини
Претставникот од Македонското здружение на млади правници, Бојан Трпески, кое ги тужи Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и јавното претпријатие „Комунално“ поради непреземање мерки за справување со дивата депонија, во изјава за ЦИВИЛ Медаи посочи дека целта им е да воспостави системска промена, која ќе води до ефикасно управување со отпадот во државата.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Црната пропаганда против граѓанското општество
ЦИВИЛ организира панел дискусија „Црната пропаганда против граѓанското општество“ што ќе се одржи на 7 јули (среда), во хотел Парк Резиденс & Спа (зад фудбалскиот стадион) со почеток во 12 часот.
Кој организира и спроведува црни кампањи против невладините организации? Зошто? Кои се мотивите да се нападнат невладините организации? Кои се последиците од црната кампања против граѓанското општество? Кој е одговорот? Ова се прашањата на кои Тоа се прашањата на кои ќе се обидеме да дадеме одговор на панел дискусијата.
Препознавајќи ја потребата од активно вклучување на сите засегнати страни во одговор на прашањата поврзани со клучните стратешки определби, процеси и настани во нашата земја, во комуникација и соработка со локалната власт, граѓанските здруженија и медиумите, особено во конекст на негувањето и промоцијата на европските вредности и мултикултурализмот, како и изборните процеси, хибридните закани и други важни прашања, ЦИВИЛ го одбележа месецот јуни 2021 со низа јавни настани на овие теми. Се дебатираше на неколку различни теми, како што е почитувањето и негувањето на мултикултурализмот, концептот „Едно општество за сите“, промовирањето на европските вредности кај младите, почитување на правото, недискриминацијата, еднаквоста, опасните дезинформации и хибридните напади и изборни реформи.
Во текот на јуни, тимот на ЦИВИЛ одржа и работни средби со претставници на локално и државно ниво, како и неколку интервјуа на темите.
Д. Тахири












