Триесет и првото издание на уличното списание „Лице в лице“, посветено на насилство меѓу младите во соработка со Меѓаши, ќе се промовира на плоштадот Македонија, утревечер со почеток во 20 часот.
Бендот „Љубојна“, поп-пејачката Кристина Арнаудова и водителската четворка од Утринска на Телма ќе бидат промотори на новиот број на списанието чија цел е подигнување на јавната свест за ова важно прашање од нашето опкружување.
„Одлуката за да се стави оваа тема во фокус, доаѓа оттаму што ваквата форма на непосакувано и агресивно однесување, која е најприсутна во училиштата, и не само таму, зема голем замав, алармирајќи дека може да има долгорочни последици врз психолошкото здравје на младите. Вредностите кои треба да се развиваат кај младите се емпатијата, сочувството, солидарноста, алтруизмот, и затоа нашиот придонес ќе биде ставање светло на овој општествен проблем, кој, заради својата природа, не секогаш лесно се детектира и препознава – велат од „Лице в лице“.
Оваа активност е дел од Неделата на граѓански организации, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 19 до 23 јуни, 2018 година, низ Република Македонија.
МЛ