Претседателите на 11 земји од Централна и Источна Европа во заедничка изјава предупредија дека руското бомбардирање на украинските градови е воено злосторство кое не подлежи на никаков рок на застареност и е под јурисдикција на меѓународните судови, пренесува Укринформ, повикувајќи се на полската претседателска администрација.
„Ние, претседателите на Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Северна Македонија, Полска, Романија и Словачка ги осудуваме масовните бомбардирања на украинските градови неодамна извршени од Русија, кои претставуваат воени злосторства според меѓународното право. “, се вели во соопштението.
Тие потсетија дека воените злосторства и злосторствата против човештвото не подлежат на никаков рок на застареност и се опфатени со јурисдикцијата на судовите ширум светот.
„Во име на нашите држави бараме Русија веднаш да престане да напаѓа цивилни цели. Нема да престанеме со нашите напори да ги изведеме пред суд лицата одговорни за денешните злосторства“, рекоа претседателите.
Тие нагласија дека „ги сметаат за неприфатливи какви било закани од руски претставници за употреба на нуклеарно оружје“.
Во овој контекст, тие ја потврдија својата посветеност за заштита на нивните земји и сојузници.
На 10 октомври, Русија изврши повеќе одмазднички ракетни напади врз Кијив, Хмелницки, Лавов, Житомир, Днипро и други градови. Вкупно 84 ракети беа истрелани низ Украина. Четириесет и три од нив беа соборени.
Подготви: Д.Мишев