Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија на 2 мај или 27 нисан, според хебрејскиот календар, заедно со Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ќе го одбележат Јом Ашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот и херојството на државата Израел којшто се одбележува во сеќавање на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и комеморативен ден на 6 милиони Евреи убиени во холокаустот.
Комеморацијата ќе се одбележи во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, со почеток во 12:00 часот со полагање цвеќе пред Споменикот на депортираните Евреи, плато пред Меморијалниот центар на холокаустот, палење 6 меморијални свеќи и отворање на изложбата ,,Холокаустот низ призмата на детските очи“.
Веќе на 3 мај во меморијалниот центар со почеток во 12:30 часот ќе се одржи промоција на книгата „Прирачник за биоетиката и холокаустот“, а на истата тема со почеток 13:30 ќе се одржи и трибина. На трибината свои излагања ќе имаат проф. д-р Дејан Донев, Центар за интегративна биоетика при Филозофскиот факултет во Скопје, Катедра за биоетика при УНЕСКО, м-р Наум Трајановски, док. канд. при Институтот за социологија и филозофија, Полска Академија на науките и истражувач на Филозофскиот факултет во Скопје и д-р Теса Челуш, Отсек за биоетика и холокауст , Катедра за биоетика при УНЕСКО на Универзитетот во Хаифа.