Определен му е притвор од 30 дена и на Александар Јаневски – Тошта, петтоосомничен за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села во крвавите настани од 27 април во македонското Собрание.
„Одлучувајќи по предлогот на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка определи мерка притвор во траење од 30 дена за три осомничени лица. Освен ова, притвор во траење од 30 дена беше определен и за петтото лице, кое што беше претходно лишено од слобода за истиот настан и за кое што Одлуката на Судот беше одложена, поради влошена здравствена состојба на осомничениот“, соопшти Јавното обвинителство.
Освен Јаневски, во полициската акција беа уапсени и Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павлевски -Кобра. Први за нападот на Села беа уапсени Кире Ѓоргиевски и неговиот татко.
Со последниот изречен притвор, вкупно десетмина се осомничени за обид за убиство на пратеникот Села.