На обвинетиот во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство за изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година, Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец, му е определен притвор! Темелко е обвинет дека е дел од организираното доведување на етнички Македонци од Пустец, на гласање во Општина Центар.
На затворена седница, Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција од Основниот суд Скопје 1, вчера го одобрил барањето на Специјалното јавно обвинителство за притвор на Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец, Албанија.
Според одделни медиуми, Темелко не ја почитувал мерката на претпазливост, не се јавувал во судот во определено време и не ја почитувал забраната за излез од Македонија, преминувајќи ја границата со албанскиот пасош, па Кривичниот совет со решение го уважил предлогот на СЈО и на обвинетиот му определил мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
Притворот на Темелко му е определен според членот 165 од Законот за кривична постапка, точка 1 од ставот 1, вокој се вели дека „притвор се определува ако постои сомнение или околности кои укажуваат дека лицето се крие или има опасност од бегство“.
Во случајот „Титаник“ на СЈО се обвинети и неколку други политичари. Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски.
Фото: МЕТА