Во неколку македонски медиуми се појави лажна вест, според која сестрата на министерот Крешник Бектеши добила предност за добивање работно место во МЕПСО пред еден од најперспективните млади инженери во Македонија.
Наводно, младиот инженер Александар Герасимовски, кој завршил факултет со просек 9.95, конкурирал на конкурсот на МЕПСО, но го одбиле, затоа што тоа место го земала токму сестрата на Бектеши.
По овие објави, Александар ги повика медиумите кои ја објавиле оваа вест, без негово знаење и согласност, да ја повлечат.
„Јас ги замолувам сите медиуми што објавија ваква или слична вест без мое знаење и моја согласност да ја повлечат. Јас немам никаква врска со министерот и не сакам да ме поврзуваат во било каква конотација со него или со било кој друг. Разни портали и личности се поврзуваат на моја изјава од пред една година на порталот fakulteti.mk и ме злоупотребуваат за нивни политички цели. Освен таму не сум дал никаква изјава на никого. Во меѓувреме јас магистрирав и се вработив, а политичките случувања воопшто не ме интересираат“, напиша Александар на социјалните мрежи.
А. Петровска