Печатеното издание на графичкиот роман „Во Италија сите се мажи“ од Лука де Сантис и Сара Колаоне, во издание на „Бункер“ вечерва ќе има своја промоција со почеток од 19:30 часот, во Public Room во Скопје.
Промотори на графичкиот роман ќе бидат проф. д-р Мирјана Најчевска и Џабир Дерала.
Графичкиот роман ја раскажува приказната за прогонот на хомосексуалците во времето на фашистичка Италија под Мусолини. Насловот на романот е земен од една изјава на Мусолини. Според него во Италија немало потреба од воведување закон против хомосексуалците, по теркот на нацистичка Германија, затоа што во Италија нема хомосексуалци. Таму живеат само „вистински“ мажи.
Графичкиот роман ја освои наградата за најдобар стрип на годината на неаполскиот Комик-кон во 2009 год. и е преведен на повеќе јазици. Македонското издание е прво негово објавување во регионот.