Медитеранската книга поезија „Чекаат ли бродовите“ од црногорскиот писател Борис Јовановиќ-Кастел беше промовирана на меѓународниот поетски фестивал „Поетски синтези“ што се одржа викендов во Битола, во организација на Здружението за наука и култура „Нова“.
Се работи за прва книга медитеранска поезија преведена на македонски јазик, објавена со поддршка на Министерството за култура.
Книгата, која ја промовираа Мирјана Стојановска и Ленче Милошевска, содржи педесетина песни во кои жителите на морето ги носат поединечните раскажувања за традицијата и мудроста на старите времиња.
– Во длабочина на овие записи стои јаството што како категорија останува непроменета до денес. Тоа е таа перцепција на деталите од животот, за славата, за илузијата, за потребата за истражување и патување, потрага по вистинската љубов и еросот. Со своевидната метаморфоза, поетот станува чемпрес, маслинка, смрека, се венчава со сипата, а со тоа станува неразделен дел од морето, истакна Стојановска.
Во рамките на фестивалот беа претставени и тројца автори од Здружението на писатели од дијаспората од Франкфурт: Љубиша Симиќ, Костадинка Ѓорѓевска и Злата Икановиќ и беше потпишана повелба за соработка на ова со Здружението „Нова“.
Договорено е неколку наслови во издание на „Нова“ да бидат застапени на меѓународниот саем на книгата во Франкфурт. (МИА)