На 27 април, со почетокот во 12 часот, во Дебармаало, во малото паркче спроти Наџак/Идадија ќе се одржи мала церемонија со садење на дрво во чест на Горан Стефановски, проекција на негови фотографии, интервјуа, предавања, слушање на неговата најомилена музика, и ‘отворен микрофон’ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.
Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на Битлси, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори, и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови (во соработка со Драмскиот театар и ФДУ), слушање на неговата најомилена музика, и ‘отворен микрофон’ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.
Горан Стефановски почина на 27 ноември минатата година, на 66 години, по кратко боледување.
Стефановски завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.
Тој работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година е професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Стефановски бил член на Македонскиот ПЕН центар, на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2004 година бил член и на Македонската академија на науките и уметностите.
Стефановски е добитник на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, двапати на „Стериинта награда“, потоа шестпати ја добил наградата „Војдан Чернодрински“.
Стефановски зад себе остави богато творештво на драми, радио драми, филмови, тв серии меѓу кои „Јане Задрогаз“, „Чиракот Шекспир“ , „Томе од бензиската пумпа“, „Диво месо“, „Лет во место“, „ХИ-ФИ“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Бушава азбука“, „Кула вавилонска“, „Чернодрински се враќа дома“, „Демонот од Дебар Маало“.
А. П.