пишува: ДИЈАНА ТАХИРИ
Протестот, односно правото на протест како јавен колективен или индивидуален истап против неправилно делување, е едно од основните човекови права и слободи, коишто ние како општество го применувавме масовно во изминатите години, во борбата против еден криминален режим. Протестот е најживата и моќна форма на искажување револт и незадоволство кон одредена неправилна појава, и како таква, често е најинструментализирана и манипулирана форма на дејствија на темни структури во секоја земја во светот, како и кај нас. Во општествено политичките превирања во нашата земја, години наназад се прибегнува кон протест, односно, јавниот истап се користи како укажување кон многу аномалии, криминал и корупција во највисоките државни институции.
Како еден од најесенцијалните протести во нашата земја беа студентските масовни протести во 2014 година, односно студентска иницијатива за одбрана на правата на студентите која се залага за поквалитетно образование, а се бори против неправедноста и партиските влијанија, наречена Студентски пленум. Иницијативата се појави кон крајот на 2014 година по најавата за воведување на екстерно оценување, а подоцна преименувано во државен испит, од страна на Владата, како и низа други измени во Законот за високо образование, кој според движењето силно го крши членот 46 од Уставот на Македонија, во кој се гарантира автономија на универзитетите.
За кратко време ова движење го привлече вниманието на македонската јавност, откако беа организирани три големи протести каде што учествуваа и над 10.000 студенти. Ова студентско движење за прв пат во историјата на Македонија, во знак на протест, ги окупираше факултетите во Скопје, каде што студентите се вселија и со денови преноќуваа таму.
Кон крајот на 2014 година илјадници граѓани се собраа на протест против давачките на хонорарците, поддржан од студенти, хонорарци, вработени и пензионери.
На овие протести им претходеше протестот против полициска бруталност по повод убиството на Мартин Нешковски.
Протести пред Министерството за здравство за малата Тамара.
Протести пред Уставниот суд, протести против донесувањето на законот за амнестија од тогашниот претседател Иванов…
Сите овие протести се споија во едно големо општонародно движење, коешто се нарече Шарена револуција. Шарена заради мултиетничноста, и заради фрлањето боја врз ѕидовите на институциите пред кои се протестираше, револуција заради масовното општонародно освестување.
На 17 мај, 2015 година, кога на општонародниот повик од г. Заев за масовно присуство на улиците на Скопје, односно пред „ружна ви е владата“ ( како што извикувавме додека протестиравме пред влада) , се приклучи навистина импресивна маса граѓани.
Не толку импресивна во однос на бројката, колку што беше огромна позитивна општествена енергетска инекција врз улиците на градот, во однос на шаренилото од мултиетничноста. За мене, тоа што се случи тој ден, беше вистинската Шарена Револуција. Ако се случи нешто од историска важност во Македонија, во смисла на вистинско мултиетничко спојување и единство во последниве неколку години, тоа беше токму 17 мај. Последиците на сѐ што следеше по тој ден, ги живееме во форма на секојдневна ( за еден дел од граѓаните) горчлива порција на реалноста наречена „конечно демократска и слободна Македонија“, за жал. За случувањата, одлуките и резултатите од тие одлуки, знаеме по лично доживување на истите, и од мноштвото ставови искажани што во форма на колумна, што во форма на дебата или на монолог.
Дали ќе се повтори некогаш таа енергија, тоа масовно сплотување на слободоумни и храбри луѓе на едно место, зависи од секој што учествуваше во таа маса, и претходно.