Дел од етничките Tурци во Македонија денеска во 12 часот, ќе протестираат пред Владата на Република Македонија, а потоа, ќе се упатат пред ТВ Сител, поради навредата која им ја нанесе главниот уредник, Драган Павловиќ Латас, кој во интервјуто со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, меѓу другите навреди, во еден момент, рече: „Лажеш како Турчин!“.
Иницијаторите на протестот, преку Фејсбук ги повикаа сите припадници на турската заедница под мотото „Ние Турците, не лажеме!“, но, и сите слободноумни граѓани да дојдат на мирен протест да го изразат својот револт против навредата кон турската заедница.
Иницијаторите на протестот бараат Владата да се огради од коментарот на Драган Павловиќ Латас (поради тоа што власта е најголем финансиер на ТВ Сител); сите партии со предзнакот – турски, да излезат од коалиција со ВМРО ДПМНЕ; пратениците во парламентот на Република Македонија да побараат одговорност од ТВ Сител.
Според најавите, на протестот ќе се разговара и за поднесување на групна тужба против Павловиќ, согласно, Законот за граѓанска одговорност за изречена клевета или навреда.