Изложбата и перформансот „Протест(и)“ на Александар Кондев во соработка со ЦИВИЛ -Центар за слобода ќе се одржат утре, четврток, со почеток во 17 часот во паркот на Жена-Борец кај споменикот на Прометеј.
„ЦИВИЛ целосно се посвети на овој настан. Се надеваме дека Владата и релевантните институции еден ден ќе ја сфатат големината на Шарената револуција и сите други протести и дека 12 април, како почеток на Шарената револуција, треба да биде историски датум… Ги разбираме и потребите на одредени структури да го узурпираат најавениот простор каде ќе се одвива изложбата… Се поместивме малку за да ја покажеме уште еднаш ненасилната, конструктивната и креативната идеја која ја носеше Шарената револуција и сите изворни граѓански протести“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ на денешната прес-конференција.
„Многу сум благодарен до сите оние кои помогнаа во реализирање на „Протест(и)“, Собрание на Град Скопје, Министерство за култура, Музеј на Град Скопје, а посебна благодарност на колегите од ЦИВИЛ и нивната организациска способност, па ќе направиме еден омаж на сите Шарени, на сите протестанти и да се потсетиме дека демократијата никогаш не треба да се остави сама на себе“, изјави Александар Кондев, авторот на изложбата и перформансот, на прес-конференцијата.
Поканети се сите граѓанки и граѓани, учеснички и учесници во Шарената револуција да бидат дел од одбележувањето на историското будење на граѓанскиот отпор во Македонија.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов