Првиот македонско-албански и албанско-македонски речник за деца денеска беше презентиран пред учениците во ОУ “Братство” во Карпош. На почетокот на настанот се обрати високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ од Комесаријатот за национални малцинства, Ламберто Заниер, кој првата копија од речникот ја додели на директорката на училиштето, а потоа подели копии и на група ученици.
Според Ламберто Заниер, едно стабилно општество претставува место каде што секој со секој ќе се разбира, очекуваме дека кога одиме во болници, пошта или други институции лицата кои работат таму да не разберат, но треба и ние нив да ги разбереме.
По обраќањето на Заниер, кратка презентација за речникот дадоа и авторите на речникот, професорите од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Државниот универзитет во Тетово, кои ја пренесоа нивната инспирација за изработка на истиот.
Речникот има и електронска апликација, која децата ќе можат да ја симнат бесплатно на своите телефони.
На настанот покрај авторите на речникот и претставници од Високиот комесаријат за национални малцинства, присуствуваа и претставници од Министерството за образование и наука и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Овој проект е подготвен од ВКНМ и Нансен дијалог центарот во Скопје, со поддршка од германската влада.
Текст и фотографија: Ангела Петровска