Првата прес конференција за текот на изборните активности за избор на градоначалник во општините Штип и Пласница, ќе се одржи вечерва во 19 часот, во хотел Оаза, Штип. Пресот ќе се пренесува во живо, а медиумите се добредојдени да ги преземат содржините и видео преносот и извештаите кои произлегуваат од мониторингот на организацијата.
ЦИВИЛ отвори прес центар во Хотел Оаза, Штип уште во попладневните часови, в сабота, на 12 декември, додека на денот на гласањето, 13 декември, ќе се одржат пет прес конференции и тоа во: 11, 13, 17, 19 и 21:30 часот, по што ќе се одржи и панел дискусија со почеток во 22 часот. Прес центарот во Штип ќе го покрива и гласањето и во Пласница.
ЦИВИЛ ги набљудува предвремените локални избори во Штип и Пласница со 30 мобилни набљудувачи, почнувајќи од 11 декември кога гласаа позитивните на Ковид-19 и во самоизолација гласачи, 12 декември, кога гласаат болните, немоќни и осудените лица, како и утрешниот ден на гласање за сите останати граѓанки и граѓани.
Еден дел од набљудувачите се активни од првиот ден на официјалната изборна кампања која започна на 21 ноември. Набљудувачите ги мониторираат изборите во 16 категории, вклучувајќи ги почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот, корупцијата, говорот на омразата, ширењето лажни вести и дезинформации.
ЦИВИЛ веќе одржа обука за изборните набљудувачи на претстојните избори за градоначалник во Штип и Пласница, но ги повикува и охрабрува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности во текот на кампањата или на денот на гласањето на онлајн формуларот на веб страницата Слободни избори.
Сите активности на ЦИВИЛ ќе бидат достапни и на медиумската платформа на организацијата, а дел од нив ќе можат да се следат и во живо на Фејсбук страницата ЦИВИЛ МК.
ЦИВИЛ Тим за комуникации