Здружението „Еурека културен центар“ и танцовото студио „Еурека“ организираа изведба на првата инклузивна претстава „Пепелашка“, каде главните улоги ги играат деца со попреченост.
„Можна ли е Пепелашка во новово време? Или Нова Пепелашка во старо време? Не мислите ли дека лице со попреченост е необичната Пепелашка во ова наше сурово време? Токму релацијата лице со и лице без попреченост е основното врзивно ткиво на овој зачуден сценско-драмски-танцувачки проект со млади танчери од студиото Еурека и инвалидизирани лица (лица во колички). Како да се зближиме? Како да си помогнеме? Како да се прифатиме? И зафаќајќи се тематски за ова сиже на познатата бајка, низ проектот ги поставуваме овие прашања и низ играта, танцот се обидуваме да дадеме одговори и да понудиме нов вид ИНКЛУЗИЈА. Не декларативна, не симболична, туку применлива, прифатлива, одржлива, зашто се базира на обострана желба на танчерите и актерите, на огромна љубов на едните – за танцување, на другите – за играње на сцена во нивните колички. За едните се најважни чекорите, за другите – тркалата на количките, но заедно се исполнуваат наметнатите задачи, се совладуваат многуте препреки на патот и рамноправно се освојува сцената“, велат од здружението.
Во главните улоги ги играат: Марија Савеска, Мики Стојановски, Теа Тодорова, Елена Чекова и Стефани Кралевска, Ивана Чепуњоска, Дени Жерновска, Јована Јовановска, Ања Јолакоска, Петра Кантурска, Теодора Јолакоска, Наде Андова и Тамара Богатиновска.
Сценариото и кореографијата се на Катерина Јолакоска, а асистент кореограф: Елена Чекова
Фрагменти од кореографија: Јана, Иван, Теа.
На покана од Британската амбасада во Скопје, младите актери и танчери ја изведоа претставата во Националната филхармонија, по повод посетата на принцот Едвард.
А. П.