„Управување со отпад и развој на локалната економија“ е тема на дводневната ТАИЕКС-работилница која денеска и утре ќе се одржува во Скопје, со цел да ги сподели политичките иницијативи на ЕУ за нивно претворање во практични мерки за развој на оддржлива економија, ниска карбонска стапка, ефикасно искористување на ресурсите и компетитивност на локалната економија, а сето тоа во рамките на Зелената зделка (Green Deal), пренесува МИА.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на работилницата се очекува да учествуваат повеќе од 100 учесници. Таа се реализира во соработката меѓу ТАИЕКС-инструментот за поддршка на локалната самоуправа, Скопскиот плански регион и Секретаријатот за европски прашања.
-Темите опфатени со работилницата кои се однесуваат на работата на локалната самоуправа се: Управување со отпад, кружна економија (circular economy), Зелена зделка (Green Deal), обврски на производителите, и неколку студии на случај. Ќе се обратат неколку домашни и 11 странски експерти (најголем дел онлајн), а од Северна Македонија ќе бидат прикажани успешните приказни од страна на претставници на „Пакомак“ и од јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп, информира СЕП.
На отворањето на работилницата ќе се обратат градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска, заменикот на министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, раководителот на соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава Стефен Худолин, и претставникот на ТАИЕКС-инструментот за поддршка на локалната самоуправа, Николас Домингез-Мендоза. хс/
ТАИЕКС-инструментот минатата година одбележа 25 години постоење. Тој се смета за најуспешен инструменти на ЕУ кој ги приближува практиките од земјите членки на ЕУ и оние земји кои аспирираат или се кандидати за членство во ЕУ.
-Облиците на соработка кои се нудат преку ТАИЕКС-инструментот се работилници, експертиза и студиски патувања со цел трансфер на ноу-хау, добри искуства, знаење и практика од земјите членки на ЕУ, а самиот инструмент за целна група за администрацијата на централно ниво во земјите аспиранти и кандидати, наведува СЕП.