Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека убиството на лидерот на српскиот политичар, Оливер Ивановиќ, во Косовска Митровица е терористички акт и дека Србија кон тој акт така и ќе се однесува.
„Извршителите на овој акт ќе бидат фатени, ако не ги пронајдат оние кои мораат, ние ќе го направиме тоа“, изјави српскиот претседател.
Вучиќ на седницата на Советот за национална безбедност, рече дека било договрено и испратено писмо до органите на Еулекс и Унмик со барање државните органи на Република Србија да учествуваат во истрагата која ќе се спроведе на територијата на Косово и Метохија.
„Уверени сме дека тоа ќе значи и откривање на вистината за убиството на Ивановиќ. Немам овластување во овој момент да ги пренесам сознанијата со кои располагам. Нема да шпекулирам, но има интересни детали кои укажуваат на можните извршители“, изјави Вучиќ.
Вучиќ рече дека делегацијата на Србија во Брисел ги прекинала разговорите во рамки на дијалогот, затоа што, посочи, бесмислено е да се разговара под секојдневни закани.
Претставничката на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, телефонски разговараше со претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, по денешниот атентат врз српскиот политичар Оливер Ивановиќ во Митровица и апелираше на воздржаност и смиреност по убиството на Ивановиќ. Таа изрази очекување дека косовските власти бргу ќе го испитаат убиството и ќе ги откријат извршителите.
Косовската Влада остро го осуди денешното убиство на лидерот на партијата Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ, кој утрово беше затрелан од страна на непознат напаѓач во Косовска Митровица.
Владата на Косово соопшти дека на убиството на Ивановиќ гледа како на провокација за „владеењето на правото и напорите за владеењето на правото на целата територија на Косово“.