Ризикот од државен удар на Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) против претседателот Владимир Путин секоја недела расте додека војната во Украина продолжува, изјави свиркач од самиот врв на руската разузнавачка служба, пренесува „Гардијан“, пренесува МИА.
Свиркачот Владимир Осечкин тврди дека „безбедносните служби ги зафатиле хаос и незадоволство по неуспешната руска инвазија врз Украина“.
Осечкин е протеран руски активист и основач на група за човекови права, кој тврди дека анонимен руски разузнавач сето тоа го пишува во писмата што ги добива и кои ги објави.
Осечкин за „Тајмс“ изјави дека ризикот што го преземале разузнавачите за да проговорат е знак за нивниот растечки гнев кон Путин и незадоволството од санкциите што ги засегаат агентите на ФСБ кои повеќе нема да можат да одат на одмор во своите вили во Италија и да ги носат своите деца во Париз во Дизниленд.
Говорејќи од својот дом во Франција, каде што живее во егзил од 2015 година, Осечкин рече дека „Путин создавал стабилност во Русија веќе 20 години“.
– Службениците на ФСБ, полицајците, државните обвинители – луѓето во системот – можеа да живеат многу добро. Но сега сето тоа го нема. Тие признаваат дека оваа војна е катастрофа за економијата, за човештвото. Тие не сакаат да се вратат во Советскиот Сојуз, додаде тој.
Како што продолжува војната, секоја недела се зголемува можноста за бунт од сите овие неистомисленици во безбедносните служби, истакнува Осечкин.
Трошоците за живот во Русија се зголемуваат, покажуваат новите податоци. Како што јави Би-Би-Си, растот на цените следува по руската инвазија на Украина.
Цената на некои основни производи за домаќинство, како на пример шеќерот, „скокна“ за 14 отсто минатата недела.
Се проценува дека инфлацијата ќе продолжи да расте во Русија, каде рубљата изгуби 22 проценти од својата вредност од почетокот на годинава.
Во текот на вчерашниот ден, руското Министерство за економија соопшти дека годишната инфлација „скокнала“ за 14,5 отсто во неделата заклучно со 18 март – што претставува највисоко ниво, од крајот на 2015 година.
Цената на шеќерот, што го користат често за зачувување храна или за правење алкохол, е зголемена најмногу. Потоа следува кромидот, со пораст од 13,7 отсто на национално ниво, а во некои области и до 40,4 проценти. Пелените пак, поскапеа за 4,4 отсто. Цените за црн чај се зголемија за четири, а тоалетната хартија за три проценти.
Медиумот потсетува дека голем дел бизниси се повлекоа од Русија поради војната. Други пак, како швајцарскиот гигант Нестле, ги повлече главните брендови како КитКат и Несквик.
Видеа на социјалните медиуми покажуваат како купувачи се обидуваат да купат шеќер и леќа во супермаркети во Москва.
Заменик премиерката Викторија Абрамченко им порача на жителите дека нема потреба од паника за да се купат овие работи.
– Има доволно за сите, истакна таа.