„Различности, (не)дискриминација и искуства“ е темата на која се отвораат прашања на панелот на ЦИВИЛ.
Учесници на панелот се Даниел Петровски од Здружението „Романо Ило“, Фари Хисени, портпарол на општина Чаир и Бојан Петровски од Асоцијација за политики и активизам. Настанот го модерира Дијана Тахири од ЦИВИЛ.
Различни култури, различни општини, различни искуства во справување со дискриминацијата на локално и државно ниво е темата на која свои видувања даваат учесниците на панелот.
Настанот е продолжение на серијата панели од проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“, во соработка со Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Целта на Здружението е да ја негува, промовира и сочува ромската култура и уметност низ различни форми на изразување, преку организирање на манифестации, театар, фолклор. Имаме и посебен сектор за издавачка дејност каде што редовно, секоја година издаваме литература на ромски јазик, особено од науката. Исто така организириаме и мултимедијални изложби се со цел да ја презентираме нашата носија, традиција, фолклор, уметност и песна. На 25 и 26 октомври во Домот на Армијата на Северна Македонија ќе се организираат две манифестации – Ромскиот фестивал, каде што ќе учествуваат екипи од Косово, Хрватска, Србија и театарски екипи од нашата земја. Ќе се организира и музичкиот фестивал каде што ќе настапат екипи од нашата земја , изјави Петровски од „Романо Ило“.
-Вредностите кои што во ЦИВИЛ ги споделувавме беа еднаквост помеѓу народите, еднаквоста помеѓу жителите во нашата држава, промоција на мултикултурализмот. Сега доаѓам како вработен во општина Чаир, а знаеме дека Чаир е една од најдиверзитетните општини на ниво на цела држава. Таргетот на работа и луѓето со кои соработувам ми остануваат исти, од тој профил. Целта на НВО секторот и државните институции е секогаш да се промовира мултикултурата како вредност на нашата држава и да се потрудиме секој граѓанин да има пристап до институциите, изјави на панелот, Хисени, портпарол на општина Чаир.
-Сметам дека институциите се натрупани со многу бирократски процедури и многу често застојот за било ккави активности или решенија заглавува во овие бирократски пречки со кои се оптоварени, додава Хисени.
-Нашата главна цел е вклучување на граѓаните, посебно на младите луѓе во процесот на креирање локални и национални политики. Мислиме дека ќе ја прошириме дејноста на работа. Едниот сегмент е креирање политики, другиот дел е истражувачки центар, каде што ќе се обидеме на граѓаните, на младите но и на институциите да им докажеме преку бројки кои што ни самите институции не можат да ги увидат на терен. Така што од една страна ќе бидеме гласот на граѓаните и младите, а од друга страна и поддршка на институциите и градење на едно подемократско општество, вели за ЦИВИЛ, Петровски од Асоцијација за политики и активизам.
-Она што сакам да го потенцирам е дека ние во Северна Македонија многу говори за мултикултурно општество, но никогаш и многу малку говориме за интеркултурно општество. Во ред е да се почитуваат нашите разлики и да дозволиме етничките заедници да се промовираат и да се сочува нивната култура, но малку знаеме за интеркултурното општество. На пример, многу малку Албанците знаат за ромската култура, многу малку Македонците знаат за ромската култура. Од една страна тоа е еден од моментите за креирање на стереотипи и предрасуди, од друга страна тоа е основата за непочитување помеѓу самите луѓе и доведување до конфликти. Многу малку во нацционалните институции се интерпретира ромската култура, додава Петровски.
-Јас имам многу малку слушнато дека ќе се прави нова стратегија „Едно општество за сите“ и ние како организација не сме вклучени во изработка на истата. Се надевам дека другите колеги од ромската заедница се вклучени во тој процес. Сметам дека насловот „Едно општество за сите“ асоцира на дискриминација, затоа што ние сме едно општество за сите. Не треба да се каже тоа, не треба да бидеме дистанцирани. Затоа, како што кажав и претходно интеркултурата и интердијалогот треба да бидат на прво место. Интеркултурата ќе помогне да се намали дискриминацијата, нивото на стереотипи и предрасуди, додаде Даниел Петровски од Здружението „Романо Ило“.
Настанот се пренесува во живо на онлајн каналите на ЦИВИЛ, Фејсбук и Јутуб.