Хамас денеска ослободува четири припаднички на израелските безбедносни сили кои Хамас ги држи во заложништво повеќе од 15 месеци, во замена за 200 палестински затвореници според договорот за прекин на огнот со Израел.
Ова е дел од планот што беше договорен пред една недела, според кој, во првата фаза, се предвидува 42-дневен прекин на огнот во Газа и размена на заложници и затвореници меѓу Израел и Хамас. Планот подразбира повлекување на голем дел од израелските сили од Газа и враќање на стотици илјади Палестинци во местата каде што живееле пред почетокот на бруталната војна што почна на 7 октомври 2023.
Возилата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст пристигна на плоштадот да ги извлече четирите заложнички, припаднички на израелската армија
Нивното ослободување ќе биде второ според тековниот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, откако претходната група од тројца израелски заложници беа ослободени на 19 јануари во замена за 90 палестински затвореници кои беа држени во израелските затвори.
На главниот плоштад во Газа се појавија бригадите Касам и борците на Исламскиот џихад, во очигледен обид да испратат пропагандна порака дека Хамас не е поразен и дека ја има контролата. „Денешната сцена е различна од онаа на првото ослободување во заробеништво во неделата, што се одржа на плоштадот ас-Сараја во градот Газа“, рече Анас ал-Шариф, репортерот на Ал Џезира.
„Можеме да видиме членови на бригадите Касам, рамо до рамо со борците на бригадата Ал Кудс. Ова е без преседан! Тоа е сигнал дека тие се борат заедно, тесно се координирани и преземаат контрола врз ситуацијата“, извести репортерот на Ал Џезира.
Од ТВ преносот на Си-Ен-Ен, Ал Џезира и други светски медиуми, може да се забележи дека на плоштадот во Газа владее славеничко расположение, со стотици цивили, вклучително жени и деца, кои го веат палестинското знаме.
„И покрај тешката ситуација, и покрај раселувањето, страдањето и болката, тие дојдоа да прослават, изразувајќи ја својата поддршка и солидарност со борците“, рече репортерот на Ал Џезира.
Во меѓувреме, ОН го обвинија Израел дека користи тактика „налик на војна“ во својата воена операција во окупираниот град Џенин на Западниот Брег и неговиот бегалски камп, бидејќи бројот на загинати достигна најмалку 14 лица убиени од израелските сили за пет дена.
Во војната на Израел против Газа загинаа најмалку 47.283 Палестинци, а ранети се 111.472 од 7 октомври 2023 година. Најмалку 1.139 луѓе беа убиени во Израел за време на терористичкиот напад од Хамас тој ден, а повеќе од 250 Израелци беа киднапирани.
Подготви: Џ. Д.