Предлозите на Скопје за постигнување договор и за тргање на бугарското вето за старт на преговорите со ЕУ се неприфатливи за Софија. Бугарската страна вели дека не добила официјален документ и смета дека дијалогот за отворените политички прашања треба да продолжи, а штом ќе има напредок најавува свој контрапредлог. Евентуалниот договор, политиката кон С Македонија, дали постои или не документ за кој се преговара, предизвикаа несогласување и во бугарската владина коалиција, пренесува МИА.
-За време на состанок во февруари, Бугарија ја информираше Република Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат. Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Кога ќе има изгледи за суштински напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите, стои во соопштението од МНР на Бугарија.
Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска вчера изјави дека до бугарското Министерство за надворешни работи не е пристигнат никаков официјален документ од Скопје.
– Билатералните разговори се одржаа на 10 февруари и се работеше на предлог-протокол, но за жал, резултатите беа незадоволителни, изјави Генчовска по седницата на бугарското Народно собрание затворена за јавноста, на која таа говореше за позицијата на Бугарија во однос на земјава.
Генчовска оцени дека е тешко да се каже оти има некаков напредок во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
– Од јануари потрошивме време за да се завршат многу работи, а најважно е отворањето на Уставот на Северна Македонија и вклучување на тамошните Бугари во Преамбулата, додаде шефицата на бугарската дипломатија.
Според Генчовска, реално е да се очекува дека до крајот на француското претседавање со ЕУ, Скопје „нема да има време да го отвори и заврши овој процес“.
За тврдењата дека има разногласија во Софија во врска со Северна Македонија, Генчовска призна дека има разидувања меѓу МНР и надворешнополитичкиот тим на премиерот Кирил Петков.
– Постојат сериозни разлики во однос на националната позиција до која Министерството за надворешни работи строго се придржува, рече шефицата на бугарската дипломатија.
– Не само владејачките партии, туку и опозицијата, треба да се обедини. Никој нема да може да протурка ниту една позиција што не поминува низ бугарскиот Парламент. Мора да имаме единство за РС Македонија, рече Петков.
Претседателот на Владата на Република Бугарија Кирил Петков денеска во Битола ќе отвори клуб кој ќе работи во состав на културниот центар „Иван Михаилов“.
Бугарскиот премиер придружуван од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, ќе промовираат владини проекти на таа држава на кои ќе им претходи средба на Петков премиер со бугарски здруженија на граѓани во земјава.
Во пресрет на посетата на Битола, Петков како прв бугарски премиер кој ќе престојува во градот под Пелистер истакна дека во делегацијата што ја предводи ќе има многу луѓе од различни партии што ќе дадат поддршка на бугарската заедница во Северна Македонија, и кои ќе потврдат дека, како што рече, Република Северна Македонија треба да биде дел од Европа и дека двете страни ќе се движат во таа насока Петков.
По свеченоста во Битола, бугарскиот премиер Петков и министерката Генчовска заедно со своите домаќини, македонските министри за надворешни работи Бујар Османи и за транспорт и врски Благој Бочварски ќе го посетат и извршат увид на електро-енергетскиот проект „Битола 2“ кој е во рамки на Коридор-8 и е наменет за реализација на интерконекција меѓу Северна Македонија и Албанија