Законот за прогласувањето на денот недела за неработен ден сè уште е предмет на дискусии, нејаснотии и различни толкувања. Според ЦИВИЛ, тоа е закон со кој се дава значаен придонес кон унапредување на работничките права, но потребна е доработка.
Се чини дека освен кај Синдикатите, овој закон не наиде на одобрување токму кај оние за кој е наменет, работниците, а особено кај малите сопственици вклучени во трговијата на мало со овошје и зеленчук. Овој закон отвора неколку прашања поврзани со работничките права, социјалната правда и еднаквоста, за што ЦИВИЛ веќе пишуваше и побара одговори од надлежните институции.
Некои одредби од законот се чудни и контрадикторни. Конкретно, изземањето на шопинг моловите и зелените пазари од забраната за работа во недела, со што работниците се ставаат во нерамноправна положба.
Правните експерти при ЦИВИЛ анализираат:
„Новите закони за работни односи и законот за трговија имаат цел да придонесат кон заштитата на работниците и унапредување на работничките права, особено со одредбата за 50% поголема дневница и слободен ден, за работа во недела. Но, не може да се најде објаснување за издвојувањето на моловите од другите субјекти, како исклучоци за работа во недела, согласно со Законот за трговија. Нејасна е причината зошто овие објекти се ставени во исклучоци.“
Во јавноста и на социјалните мрежи може да се најде и ставот дека со законот за работни односи отсекогаш постоеле одредби за работа во неработни денови и дека немало потреба од носење посебен закон, туку само требало да се засили инспекциската контрола во спроведувањето на одредбите од законот од страна на работодавачите.
Состојбата на терен кажува дека и меѓу малите сопственици вклучени во трговијата на мало со овошје и зеленчук владее незадоволство и збунетост од овие, според нив, дискриминирачки одредби во законот.
До ЦИВИЛ се обрати сопственичка на продавница за трговиј на мало со овошје и зеленчук од една општина во централниот дел на земјата која преку писмо ги изрази ставовите на субјектите кои се занимаваат со истата дејност во градот. Таа ги образложува аргументите поради кои сметаат дека новите одредби кои ја регулираат дејноста „Трговија на мало со овошје и зеленчук“ се дискриминирачки во однос на другите.
Таа пишува: „Сеедно што не станува збор за производствен процес кој не може да се сопре, природата на стоката од нашата дејност бара брз обрт, односно, стоката не може да стои во својата првобитна состојба и да биде свежа подолг период. Од исклучителна важност за оваа дејност е квалитетот на стоката кој привлекува потрошувачи, па така, недела како неработен ден, би значело дека ние би морале да продаваме стока со послаб квалитет, со што свесно си го загрозуваме работењето“.
Според сопствениците на продавници за трговиј на мало со овошје и зеленчук, што често се мали семејни бизниси, нелогично е во недела да работат зелените пазари, на кои се продава иста стока како нивната, а за нивните фирми недела да е неработен ден. Тие понатаму аргументираат дека е неспорно да има ден за одмор за сите работници. Но, велат тие, ако е дозволено да работат компании за трговија на мало со храна (во кои трговијата ќе ја врши исклучиво сопственикот) и се разбира со платена неделна дневница која по автоматизам повлекува и повисоки давачки кон државата, дискриминирачки кон нивната дејност е да не се продава овошје и зеленчук, а да се продава секаков друг вид на храна.
„На зелените пазари, 95% од продавачите се трговци, а не производители , па со тоа, тие се директна и нелојална конкуренција“ – пишува сопственичката на на трговски дуќан за трговиј на мало со овошје и зеленчук од централниот дел на земјата – „Прашањето е, во кое поднебје во Македонија се одгледуваат мандарини, портокали, банани, па се продаваат од производители на зелени пазари? Без систем за фискализација, без данок на додадена вредност, без никакви придонеси за плати и други давачки кон државата, тие се дури и во предност, со тоа што имаат можност од цел еден ден плус да ја продаваат стоката која е со краток рок на траење т.е. брзо калира.“
Според нашиот извор, предвид треба да се земат сите трошоци со кои се изложуваат тие како трговци, како што се закупот на деловен простор, надоместоци за користење на јавната површина, грејните и разладните тела, плати за вработените, електрична енергија.
„Со тоа што трговците на зелените пазари не се изложени на овие трошоци, нас нè става во подредена позиција во однос на нив. Обврските што ние како фирми ги имаме кон државата и во целост си ги подмируваме, (за разлика од трговците на зелените пазари) треба да ни даде рамноправност пред законите. Законот по ниедна цена не треба да има селективна примена, правата кои произлегуваат од одредени законски регулативи треба да бидат еднакви за сите“ – категоричен е нашиот извор.
Сопствениците на малите продавници за трговиј на мало со овошје и зеленчук сметаат дека со овие законски одредби се влијае на динамиката на секојдневието на луѓето. Тие аргументираат дека брзиот начин на живот, големиот број на обврски, покрај работните (земање деца во и од градинка, разни вонучилишни и спортски активности), едноставно за потрошувачите значи нивно поинакво функционирање, па пазарењето останува за недела.
„Сето тоа има директно влијание и врз прометот на нашите компании. Или во пракса, еден ист наш муштерија, во текот на неделата пазари единствено продукти кои му недостигаат во моментот, додека во недела пазарува во поголеми количини со што си прави залиха за тековната недела, затоа што единствено тогаш има време да го прави тоа“ – реагираат сопствениците на малите продавници за овошје и зеленчук.
Понатаму, според нив, доколку овие законски измени не претрпат уште некоја модификација, во прашање ќе бидат доведени многу работни места на нивните вработени.
За надминување на овие, според сопствениците на малите продавници за трговиј на мало со овошје и зеленчук , дискриминирачки одредби, треба да се дозволи, односно, да се избрише таа дискриминирачка заграда со која зеленчукот и овошјето се одвоија од целиот асортиман на храна и да се дозволи сопственикот на трговијата сам да ја врши трговијата, со исплатена неделна дневница на плата, а во текот на наредната недела да има еден ден за неделен одмор. Со тоа се штити правото на работникот, што и било цел на донесувањето на овие измени, а сопственикот, доколку утврди економска оправданост, нека работи и во недела. Во спротивно, велат тие, се соочуваат со селективна правда.
Ставот на ЦИВИЛ по ова прашање, ја поздравува намерата да се заштитат и унапредат работничките права. Сепак, законското решение можеше и требаше да биде право на сите субјекти подеднакво да одлучуваат за недела како работен или неработен ден, а ако се одлучи да биде работен ден, да има обврска за додаток на дневница (+50%) и слободен ден за работникот. ЦИВИЛ е постојано на линија на заштита и унапредување на работничките права, и со својот тим им стои на располагање на работниците во остварување на нивните социјални, човекови и работнички права. Воедно, организацијата ќе испрати и писмено обраќање до Владата на оваа тема, со намера да помогне кон подобрување на законските регулативи и понатамошно унапредување на работничките права.
Драган Мишев