Српската Влада на 28 март донесе заклучок за информирање во време на пандемијата на Ковид 19 со кој информирањето на јавноста се централизира, пишува денес весникот „Данас“, додавајќи дека заклучокот ниту е објавен на веб-страницатана владата, ниту официјално некој има објавено дека тој е усвоен.
Весникот „Данас“ наведува дека заклучокот предвидува секој што објавува информации поврзани со лекување на коронавирусот, а се соопштени од „неовластени лица“, подлежи на санкции што важат за периодот на вонредна состојба.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, со реакција се јавија двете новинарски здруженија, НУНС и УНС, кои побараа од владата да го повлече спорниот заклучок.
Претседателот на Независното здружение на новинари (НУНС), Жељко Бодрожиќ, изјави дека владиниот заклучок за централизирано јавно информирање за вирусот Ковид 19 го нарушува со Устав загарантираното право на целосно и навремено известување за прашања од јавна важност.
Тој додаде дека Кризниот штаб станува еден вид централна цензорска служба, која го ограничува и ускратува протокот на информации во јавноста.
Овие рекации дојдоа истовремено со реакциите на социјалните мрежи, дека синоќа, повеќе корисници на МТС мрежата добиле СМС порака, како што потврдија за порталот Нова.рс, од Кризниот штаб за сузбивање на заразната болест Ковид-19, во која се вели: „Ситуацијата е драматична. Ние се приближуваме кон сценарио од Италија и Шпанија. Ве молиме да останете дома “.
Ваквите и други пораки беа причина и министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ на Твитер да напише дека не се точни информациите што кружат на социјалните мрежи да во среда ќе биде воведен 24-часовен карантин и дека граѓаните ќе добиваат СМС пораки на одобрување за излегување. Оваа лажна вест за РТС беше демантирана и од самата влада.