На ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ на Фејсбук-страницата на ЦИВИЛ — „Што мислите за зголемување на платите на функционерите?“ — граѓаните изнесоа свој став, кој претежно го одразува незадоволството и револтот кон оваа одлука.
Во услови на економска криза, високи цени и скапи животни трошоци, за голем дел од коментаторите ваквата мерка претставува провокација и потценување на народот.
„Заслужено“, но со горчлива иронија
Еден од коментарите саркастично забележува:
„Заслужено, на жителите им обезбедија Скандинавски живот со Скандинавски сметки за струја, Скандинавски цени во маркетите, и кошничка за тричлено семејство која содржи само леб, сол и комуналка.“
Овој коментар го отсликува чувството на неправда, каде цените во земјата достигнуваат високи европски нивоа, а стандардот на граѓаните останува ниско.
„Срамота“, „Страшно“, „Лоша одлука“
Поголемиот дел од граѓаните отворено изразуваат разочараност:
„Како ли не им е срам!“
„Овие воопшто срам немааат, толку се алчни само гледат да испограбат што можат повеќе. Страшно.“
„Не е во ред, за нив да има зголемување, а за работниците не. Срамота.“
Во многу коментари се поставува прашањето зошто прво не се зголемуваат минималните плати, а функционерите, кои и онака имаат високи плати и бројни привилегии, продолжуваат да добиваат нови бенефиции.
Критики и кон народот и политичкиот систем
Некои одговори ја опфаќаат и пасивноста на народот:
„Браво, секоја чест за политичарите… додека има ваков народ тие ќе се збогатат и што сакаат ќе си работат.“
Има и остри критики кон целиот политички систем:
„Глуп народ, да е некаде странство досега ќе ги избркаа од државата, и никогаш да не се вратат. Не само овие или оние, туку сите политичари се исто лајно.“
Еден од коментарите саркастично предлага:
„Мислам треба на 1-ви и на 15-ти во месец да земаат плата. Па 24/7 работат, мотивирајте ги!“
Јасна порака од граѓаните
Одговорите на нашите сограѓани јасно ја отсликуваат општата перцепција — функционерите живеат во луксуз додека обичниот народ се бори да ги покрие основните животни трошоци. За голем дел од јавноста, зголемувањето на нивните плати во ваква економска состојба е длабоко неправедно и навредливо.
За сите коментари погледнете го оригиналниот фејсбук пост на ЦИВИЛ.
А.М.