ЦИВИЛ со внимание ги следи активностите поврзани со почетокот на учебната 2020/2021 година во која истата во најголем дел ќе се одвива онлајн.
За таа цел, контактиравме повеќе наставнички и наставници вклучени во образовниот процес, со прашања кои се однесуваат на тоа колку образовниот систем е подготвен за „преселбата“ на образовниот процес во виртуалниот процес.
Прв на нашите обраќања одговори Ајет Реџепи, професор во Општинското средно училиште „Дрита“ во Кичево.
На прашањето за тоа дали и колку онлајн наставата може да го замени физичкото присуство на часовите во училиштата и како ќе влијае на учениците, професорот Реџепи вели дека во време на пандемија и неизвесноста околу здравствената ситуација во земјава, онлајн наставата е нужно зло и дека не смее да се дозволи губење на неколку месеци, а во полош случај и година само поради овој факт.
„Учениците веќе имаат искуство со онлајн настава во последното тромесечие мината учебна година. Можеби недоволната организираност и неунифицираност тогаш доведе до скептичност. Меѓутоа овој пат се работи за целосно унифицирана платформа. Која ги задоволува сите аспекти на образовниот процес и лично мислам дека учениците многу брзо ќе привикнат на неа и дека платформата ќе ги даде очекуваните резултати“, додава тој.
Реџепи смета дека имплементацијата на стратегијата за онлајн наставата оди по зацртаното темпо и дека сите нивоа на обука, почнувајќи од обуката на 30 национални обучувачи, па се до обуката на вработените во училиштата поминала во најдобар ред. Според него, повратните информации се позитивни.
„Јасно е дека не секој на ист начин ги прифаќа новините. Меѓутоа сигурен сум дека за кратко време сите корисници ќе се уверат дека се работи за нешто што ќе биде придобивка за сите учесници во образовниот процес“, истакнува Реџепи.
Во однос на досегашното искуство со онлајн наставата и за тоа каков е односот меѓу учениците и професорите, Реџепи вели дека сите наставници и професори имале одредено искуство во последниот дел од минатата учебна година и дека иако платформата е за повеќето новитет, сепак таа овозможува имплементација на досегашното искуство стекнато и на други платформи.
„Што се однесува до односот меѓу наставниците/професорите и учениците сепак се работи за чувствителна тема. Во најголем број на случаи тука во предвид доаѓа индивидуалниот пристап на наставникот или професорот. Тоа што е многу битно околу платформата е фактот што таа за разлика од повеќето начини употребувани за настава на далечина минатата учебна година овозможува интерактивнот со учениците користејќи видео конференциски врски, можност за непречено и лесно споделување на материјалите итн.“, додава Реџепи.
Министерството за образование и наука ја подготви Националната платформа за далечинско учење, за која Реџепи смета дека е долгоочекуван и многу потребен новитет и дека таквите платформи се користат во речиси сите образовни институции во светот.