ДИЈАНА ТАХИРИ
„Вечерва заседаваше Извршниот комитет каде што се донесе одлука граѓанска иницијатива за собирање на потписи за распишување на референдум и во наредната недела ќе собереме најмалку 100 квалификувани потписи со што таквата иницијатива ќе биде доставена до Собранието. На оваа иницијатива прво потпишан ќе бидам јас, ИК на партијата, пратениците. По што очекувам Собранието во брзи рокови да ја легитимира и одобри иницијативата, по што ќе започнат роковите за собирање на 150 илјади потписи за распишување на задолжителен референдум.
Затоа, референдумското прашање предлагаме да гласи и како такво денеска го усвои и потврди ИК на партијата:
Дали сте за напуштање на важноста на ЗАКОНОТ ЗА РАТИФИКАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, ДОБРОСОСЕДСТВО И СОРАБОТКА МЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?
ВМРО-ДПМНЕ ќе повика да се гласа ЗА престанување на важноста на овој штетен договор.“, напишал синоќа на службената страница на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Референдумското прашање за кое очигледно на осмислувачите им требало многу време да го формулираат, е повеќе од несериозно, што упатува „сериозната“ намера и желба на Мицкоски и не знаеме уште кој од партијата, или од Будимпешта, или можеби посеверно, од некоја руска кабина, за исправување на „кривите дрини“ во однос на веќе започнатиот, а во последно време и продуктивен процес во однос на работата во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Несериозноста е во повикот за „напуштање“, и не само. Но, повикот за „напуштање“ на што било, а посебно на веќе усвоена државна позиција, е еднакво на утринска „комшиска“ тривија со кафе и сезонско слатко.
Ќе забележите дека г. Мицкоски кој патем беспоговорно прима плата од неколку позиции и функции од јавните пари на Република Северна Македонија, ја исклучил одредницата „Северна“ во својот драгоцен напис.
Сериозно, дали се сериозни, или така се чешлаат?