ВЕСТ НА ДЕНОТ: РЕФОРМИТЕ ВО ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ МОРА ДА БИДАТ СЕОПФАТНИ И ПРАВИЧНИ – НАЈАВА ЗА ПРЕС НА ЦИВИЛ
ЦИВИЛ ги повикува медиумите на прес конференција на отворено, утре (петок, 19 јули 2019), со почеток во 12:30 часот, пред седиштето на организацијата, на ул. Максим Горки 31/1, на паркингот зад преминот „Палета“. Како и секогаш, настанот е отворен за сите заинтересирани граѓанки и граѓани.
На пресот ќе зборуваме за тоа: Кои се клучните препораки на ЦИВИЛ за реформи во изборниот систем? Како се злоупотребуваат помалите етнички заедници и ранливите категории граѓанки и граѓани во изборните процеси? Дали, како и во која временска рамка треба да се промени изборниот модел? Дали Северна Македонија има потреба од предвремени избори? Што (не) треба да се случи со Изборниот законик, Избирачкиот список, финансирањето на политичките кампањи?…
ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ОДАМНА Е ЗРЕЛ ЗА КОРЕНИТИ РЕФОРМИ
Промена на изборниот модел, реформи во Државната изборна комисија, изборниот законик, изборната администрација и избирачкиот список се дел од клучните препораки на ЦИВИЛ, организација која ги мониторира изборните процеси во земјата од 2008 година па наваму. Организација која сите проекти и активности поврзани со изборните процеси, се спроведуваат од позиција на одбрана на гласачките права, а појдовниот став и принцип е: ДРЖАВАТА ИМА ОБВРСКА ДА ОБЕЗБЕДИ МАКСИМАЛНИ УСЛОВИ ЗА ПОЧИТУВАЊЕ И ИСПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ГЛАС НА СЕКОЈ ПОЕДИНЕЦ. Пишува Биљана Јордановска
„ЦИГАН ПО ЦИГАН ЗА УШИ“, „ТЕПАЧКИ“, „БРАШНО“, „ЗЕЈТИН“, „500 ДЕНАРИ ЗА ЕДЕН ГЛАС“…
Гласовите на помалкубројните етнички заедници во земјава (ромските, српските, бошњачките, влашките, турските…) се многу битни за време на изборните процеси. По завршување на изборите, лидерите на политичките партии на помалите етнички зедници добиваат „трошки“ и некои лични бенефиции, и толку. Во најголем дел, нивните гласачи остануваат без ништо, и со надеж дека нешто ќе се смени, до следното гласање… пишува: Дехран Муратов
ИНКЛУЗИЈАТА МЕЃУ ДЕКЛАРАТИВНОСТА И РЕАЛНОСТА
На 9 јули, на владина седница, беше усвоен текстот на предлог законот за основно образование, кој е доставен на усвојување во Собранието. Во новиот предлог закон е вклучена и сеопфатна стратегија насочена кон инклузивен образовен систем за сите ученици со попреченост.
Многу е важно оние кои ќе ги носат одлуките во наредниот период да ги земат предвид сите лица со попреченост и да донесат разумни решенија кои ќе бидат во корист, а не на штета на оние за кои всушност и се наменети овие промени. За да имаме инклузија во вистинска смисла на зборот мора да гледаме на јаките страни на лицата со попреченост, наместо на нивните недостатоци и во зависност од тоа да се определи каков вид на настава е најдобра за секое дете поединечно.
ФЛЕШ ВЕСТИ:
КАТИЦА ЈАНЕВА ОТВОРИЛА БОЛЕДУВАЊЕ ДЕН ПО ОСТАВКАТА – Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од 16 јули официјално е на боледување, потврдија од СЈО. Боледувањето Јанева го отворила на 16 јули, односно еден ден откако депонира оставка од функцијата, која, како што соопшти, ќе биде активирана штом се постигне договор за законот за јавното обвинителство.
ЗНМ: СЛУЧАЈОТ СО 1ТВ Е ПОСЛЕДЕН АЛАРМ ЗА ИТНИ МЕДИУМСКИ РЕФОРМИ Здружението на новинари на Македонија изразува загриженост и за состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници вработени во оваа телевизија кои поради овој скандал може да останат на улица. Ова дополнително може негативно да се одрази и на севкупниот пазар на трудот во медиумскиот сектор.
ПЕНДАРОВСКИ: ДА СЕ ПРАВИ РАЗЛИКА МЕЃУ СЈО И ИСТРАГАТА ЗА „РЕКЕТ“ Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски апелира до надлежните што е можно побрзо и потемелно да ја спроведат истрагата и да не обрнуваат внимание на евентуалните политички притисоци, затоа што процесирањето на предметот е битен и за СЈО и за демократските процеси кои и престојат на земјата.
ФРАНЦУСКАТА ВЛАДА ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА РАТИФИКАЦИЈА НА ПРОТОКОЛОТ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Француската влада на денешната седница на Советот на министри го разгледа и даде зелено светло на Предлог законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Драфтот беше презентиран од министерот за Европа и надворешна политика на Франција.
М. Ивановска