Во рамки на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“, денеска се одржи регионална онлајн консултација „Граѓанското општество и дијалогот на јавни политики за реформска агенда на ЕУ“, на која ќе се дебатира за тоа која поставеност на политичкиот дијалог во државите на Западен Балкан може да ги забрза реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ.
Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија смета дека треба уште многу да се работи за да се овозможи соодветна вклученост на невладините организации во креирање на програми и политики важни за процесот на проширување. Тој меѓу другото го нагласи значењето на годишниот Форум на граѓанското општество на Западен Балкан со учество на претставници на граѓанското општество од ЕУ како и од меѓународни организации и од владите од регионот за тоа како да се зајакне процесот на пристапување во ЕУ по однос на одредени прашања. Тој потсети дека оваа година форумот потврди дека иднината на сите шест земји од Западен Балкан е во ЕУ и затоа процесот на проширување мора да продолжи напред со удвојување на заедничките напори од земјите од регионот, политичарите и општествата.
– Пакетот за проширување претставен од ЕК во октомври и Економскиот инвестициски план дадоа јасно до знаење за основниот принцип кој е во срцето на политиката на проширување на ЕУ. Подготовката на земјите кандидати и потенцијални кандидати да ги исполнат критериумите за членство бара силен фокус на реформите во делот на владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Економијата и функционалните демократски институции и администрација се од суштинско значење. Овој план е интегрален дел од поддршката за Западен Балкан на неговиот пат кон ЕУ. Поттикнувањето на инвестициите и економскиот раст ќе бидат можни само ако ЗБ остане посветен на имплементирање на фундаменталните реформи на линија со европските вредности. Социјалните партнери и организираното граѓанско општество мора да бидат значајно вклучени во креирањето на политиките, имплементацијата, но и во мониторингот на процесот, вклучувајќи ги оние инволвирани во спроведувањето на Економскиот инвестициски план и транзицијата кон зелено, одржливо општество, вели Худолин.
Затоа, според него, систематското вклучување на граѓанското општество во планирање, програмирање, имплементација и мониторинг на реформите поврзани со пристапниот процес треба да биде принцип кој не се однесува само на владите од ЗБ, туку е од витално значење и за мониторинг на прогресот на целокупниот преговарачки процес.
– Посветеноста на граѓанското општество е клучна за испорачување на очекуваниот напредок во многу критични области – политичката соработка, економското закрепнување и демократските реформи. Ова мора и ќе генерира конкретни бенефити за сите граѓани на земјите од ЗБ и нивната интеграција во ЕУ, вели Худолин.
Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, нагласи дека претставува големо разочарување што процесот на проширување е повторно блокиран, што, вели, ја поткопува довербата во политиката на проширување и нејзината трансформативна моќ. Тоа се одразува на стабилноста и безбедноста на регионот во услови на неколку постоечки кризи и го зголемува скептицизмот и радикалните наративи поради што во пораст се националистичките и нелиберални тенденции.
– Во ваков контекст граѓанското општество ја повикува ЕУ да дејствува како кредибилен партнер и да ги испорача нејзините ветувања за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија и да ги отстрани пречките кои го стојат на тој пат што е можно поскоро, вели Каранфилова Пановска.
Таа оцени дека блокираните евроинтеграции ќе ја насочат земјата во погрешен правец, и затоа повика на владите во Северна Македонија и Албанија и во регионот да останат посветени на испорачување демократија, владеење на правото, добро владеење и на човековите права и помирувањето.
Каранфилова Пановска, меѓу другото истакна дека дијалогот на Владата со организациите на граѓанското општество се одвива во 12 секторски групи, а овој дијалог за креирање јавни политики, според неа, во моментов има најголем потенцијал да ги забрза реформите од пристапниот процес. Сепак, додаде, мониторингот покажа дека овие работни групи не се состануваат често, или во просек два пати годишно, што во одреден степен ја ограничува нивната ефикасност, а исто така тие се однесуваат главно на програмирање на ИПА средствата. Годинава се забележува мало подобрување во интеракцијата со институциите, споредено со лани, главно во делот на справување со пандемијата, но вели таа, сè уште одредени организации пријавиле тешкотии во однос на вклучување во дијалогот за јавните политики.
– Секој самит на ЕУ порачува дека граѓанското општество треба да биде вклучено во туркање на реформските агенди на соодветните земји за пристапување во ЕУ и ние знаеме дека е тоа наша должност и одговорност да најдеме начини и канали за дијалогот за реформските процеси да биде отворен, активен и да овозможи платформа за учество, нагласи Каранфилова Пановска од ФИООМ
На панелот „Дијалог на јавни политики, реформи за пристапување во ЕУ на Западен Балкан и зајакнување на вклученоста на ГО“, се обрати и Стивен Блокманс, директор за истражување во Центарот за европски политички студии во Брисел, кој меѓу другото истакна дека е потребна поголема политичка заложба од ЕУ членките за ветувањата од Солун од 2003-та за Северна Македонија да ги започне преговорите за членство и побрзо да се ослободи структурното финансирање кое што е потребно за земјава и другите држави од регионот да ја надмине празнината во однос на економските инвестиции. Тој претстави и формат за значаен дијалог кој ќе доведе до забрзано пристапување во ЕУ за земјите од регионот и до поголем пристап кон структурните фондови.
Според организаторите, овој панел треба да понуди одговор на неколку прашања: Која поставеност на политичкиот дијалог во државите на Западен Балкан може да ги забрза реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ и како да се создаде симетричен дијалог за ГО во соработка со државните и актерите на ЕУ, при поставување приоритети на помошта на ЕУ за реформска агенда во Западен Балкан.