Денеска е 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот. Денот на Европа е воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во основањето на Европската Унија.
Денес Европа е соочена со војна на нејзина територија, која што предизвика уште подлабока економска и политичка криза. Иако Европската Унија покажа силно единство во осудата на руската инвазија врз Украина и санкциите врз Москва, таа е пред нови предизвици во однос на тоа како ќе продолжи во иднина на планот на проширувањето.
Поради новонастанатата ситуација на европскиот континент, аналитичарите сметаат дека проширувањето на ЕУ денес станува безбедносно прашање и оти членството во Унијата ќе претставува безбедносен гарант.
Малинка Ристевска Јорданова, во разговор за МИА наведува дека во земјава овој Ден на Европа се пречекува со сѐ помалку надеж за брз почеток на преговорите, зашто и покрај отстапките од македонска страна, Бугарија е упорна со ветото.
– Малкумина минатата година ќе поверуваа ако некој кажеше дека овој Ден на Европа континентот ќе го дочека со војна на неговото тло. Европската Унија реагираше поединствено одошто се очекуваше на руската агресија врз Украина, дури за првпат оддели од нејзиниот буџет и средства за воена помош на Украина, и тоа – од Инструментот за мир, изјави за МИА Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ).
Сепак, оценува Ристевска Јорданова, наспроти првично покажаната единственост, веќе се покажуваат пукнатините во нејзиното ткиво, сега видливи околу воведувањето на санкциите во вид на забрана на увоз на енергенси од Русија, покрај претходните – најмногу околу непочитувањето на владеењето на правото во некои земји-членки.
– Европската Унија денес се наоѓа пред повеќе нови прашања, одошто одговори за веќе поставените, и покрај штотуку завршената Конференција за иднината на Европа. Едно од нив е како ЕУ ќе продолжи со проширувањето, ако се во ризик внатрешните реформи, што беа поставени како претпоставка за проширување. Многумина очекуваат новите геостратешки околности и новите барања за членство да го забрзаат проширувањето, но тоа засега останува на ниво на декларација, вели Ристевска Јорданова.
Таа смета дека сепак, треба да се очекува сегашнава, а веројатно и потешка идна криза, да биде мотив повеќе за лидерите во ЕУ да бидат порешителни во изнаоѓањето решенија, достојни на визијата за обединета Европа.
Од друга страна, наведува Ристевска-Јорданова, се намалија очекувањата на граѓаните од нашиот дел на Балканот за извесно и сигурно членство во ЕУ. Таа нагласува дека во овие услови вистинското прашање за граѓаните и лидерите од регионот е како оваа критична точка за интеграција во ЕУ да ја претворат во пресвртна точка.
– Во Македонија овој Ден на Европа се пречекува со сѐ помалку надеж за брз почеток на преговорите, зашто и покрај отстапките од македонска страна, Бугарија е упорна со ветото. Ни претстои тежок период во кој ќе мораме на подолгорочна основа да ја поставиме нашата стратегија и тактика за членство во ЕУ, во согласност со нашите национални интереси. Барем се чини дека се ослободуваме од бајката дека кога еднаш ќе ги почнеме преговорите (па макар и по недозволиво висока цена) сѐ ќе се смени и ЕУ брзо ќе нѐ претвори во идеално општество, истакнува Ристевска Јорданова за МИА.