Денес, 78 години од масовната насилна депортација на кримските Татари од страна на советските власти, историјата се повторува бидејќи нацијата сè уште не може да живее мирно во својата татковина, вели британската амбасадорка во Украина Мелинда Симонс, пренесува Укринформ.
Таа потсети дека пред 78 години советските власти насилно го депортирале целото кримско татарско население од нивната татковина на Крим.
„Денес, историјата се повторува бидејќи Кримските Татари сè уште не можат да живеат мирно во својата татковина на предците, наместо тоа се соочуваат со континуирана репресија, депортација и уништување на нивната култура и идентитет“, напиша амбасадорката на Твитер.
„Се сеќаваме на илјадниците невини кои ги загубија животите и многу страдаа поради советските дејствија“, заклучи Симонс.
Како што беше објавено претходно, на 18 мај, Украина го почитува споменот на жртвите на масовната депортација на кримските Татари и ги промовира напорите за заштита на правата на кримската татарска нација.
Подготви: Д.Мишев