Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба на прес-конференцијата на која присуствуваа вкупно 220 новинари од сите континенти, меѓу кои и новинари од Цивил Медиа, зборуваше за дипломатските напори на Украина и нејзините партнери да ја одвратат Русија од натамошна агресија врз Украина. Излагањето на Кулеба беше конципирано од трите најважни прашања во врска со моменталната состојба во Украина: прво – како дојдовме до тука, второ – каде сме сега и трето – што може да се направи?
Во врска со второто прашање „ Каде сме сега?“, Кулеба зборувајќи во поширок контекст, изрази уверување дека руската војна против Украина и пошироко, Европа, ќе заврши тогаш кога ќе се решат две фундаментални прашања:
-Прво, потенцираше министерт Кулеба, Западот своите стратегии во однос на Русија треба да ги претвори од реактивни во проактивни. Путин и неговите соработници постојано бараат од сите да објаснат, цитирам, „како партнерите ја разбираат својата обврска да не ја зајакнуваат сопствената безбедност на сметка на безбедноста на другите држави“.
-Ова го бара Русија, земја која ја нападна Грузија и окупира дел од нејзината земја, земја која ја нападна Украина и ги окупираше Крим и Донбас, уби над 14 илјади луѓе во Украина, продолжува со сајбер нападите против други земји, со кампањи со дезинформација, вонсудски убиства во земјите од НАТО и ЕУ. Така, всушност, Западот е тој што треба да и поставува такви прашања на Русија. Кога Русија ќе ни објасни на сите како евроатлантската безбедност ќе биде загарантирана и обезбедена од рускиот експанзионизам, праша Кулеба, кој инсистираше на тоа дека Русија не може да ја гарантира својата безбедност на сметка на безбедноста на Украина и другите земји.
Како второ, според Кулеба, треба да се стави крај на нејаснотијата за улогата на Украина како неделив дел од Западот. Украинскиот народ го избра овој курс и го одбрани по висока цена. Ние сме историски, политички и културолошки дел од Западот. Време е да се стави крај на штетната двосмисленост, која служи како искушение за Кремљ да продолжи со обидите да ја поткопа Украина или да го смени нејзиниот курс против волјата на украинскиот народ. И понатаму, стратешки интерес на самиот Запад е да ја институционализира Украина како нејзин неделив дел. Украина е вреден партнер кој придонесува за безбедноста, мирот, просперитетот и стабилноста во пошироката Европа, потенцираше шефот на украинската дипломатија.
Д. Мишев












