Вкупно 220 новинари од сите континенти, меѓу кои и новинари на Цивил Медиа, присуствуваа на прес-конференцијата на министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на која зборуваше за дипломатските напори на Украина и нејзините партнери да ја одвратат Русија од натамошна агресија врз Украина.
Шефот на украинската дипломатија, Кулеба ја искористи оваа прилика да одговори на три најважни прашања во врска со моменталната состојба во Украина..
-Прво. Како дојдовме до тука?
-Второ. Каде сме сега?
-Трето. Што може да се направи?
Во врска со првото прашање, „ Како дојдовме до тука?“, министерот Кулеба се осврна на некои меѓународни медиуми кои денес ја пропуштаат најважната точка, а тоа е дека Русија веќе ја нападна Украина.
– Пред осум години, на крајот на февруари 2014 година, претседателот Путин им нареди на руските војници да влезат во Крим, а потоа Русија започна војна во источниот регион на Украина, Донбас, рече Кулеба. Ова беше неиспровоциран и неоправдан чин на агресија на една држава врз друга.
-Во 2013 година Украина беше на пат да го потпише Договорот за асоцијација со Европската унија со цел да ја продлабочи заемно корисната трговија, како и економската и политичката интеграција. Овој договор долго се работеше. Меѓутоа, рускиот претседател Владимир Путин го принуди тогашниот претседател на Украина Виктор Јанукович да направи пресврт во последен момент и да одбие да го потпише договорот, со што практично се смени долго воспоставената политика за интеграција во ЕУ против волјата на украинското јавно мислење, додаде Кулеба, и продолжи:
-Оваа одлука доведе до општонароден протест и брутална употреба на сила против демонстрантите во Киев, по што Јанукович побегна од земјата и се сокри во Русија. Овде е важно да се спомене дека демонстрантите не ја зазедоа ниту зградата на владата, ниту претседателската администрација, ниту парламентот на Украина. Затоа, рускиот мит за „државен удар“ во Украина е лажен. Она што се случи наместо тоа е дека легитимниот парламент на Украина гласаше со огромно мнозинство за нови претседателски избори, бидејќи актуелниот претседател побегна од земјата. За три месеци, Украинците избраа нов претседател на фер и транспарентен начин. Претседателот Путин го искористи моментот кога нашата земја беше ослабена и дезориентирана и ѝ нареди на својата војска да го заземе Крим и тој ја започна војната во Донбас.
-Руските функционери се трудат да зборуваат за митска закана од НАТО за Русија и да го оправдаат својот експанзионизам со нелегитимни барања да не и се дозволи на Украина да стане членка на НАТО, рече Кулеба. Сакам да ги потсетам сите дека кога Русија го нападна Крим и ја започна својата војна во Донбас во 2014 година, Украина беше неутрална земја и реално и според законот. Во 2010 година, Украина усвои закон во кој јасно се наведува дека е неврзана земја која нема намера да се приклучи на кој било воен сојуз. Во тоа време немаше национална јавна дискусија за членството во НАТО; протестите на Евромајдан не беа фокусирани на воениот сојуз, туку на економската и политичката интеграција со ЕУ, подвлече тој.
Кога сега го слушам погрешниот аргумент дека неутралноста на Украина може да го направи Путин помалку агресивен, се прашувам како? Тоа не го спречи да не нападне во 2014 година, па тешко е да се види зошто би го спречил сега, потенцираше Кулеба.
Д.Мишев












