пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
ЦРКВАТА КАКО АЛАТКА
Руската православна црква е еден од важните канали преку кои Москва проектира своето влијание во балканските држави каде живее мнозинско православно население како што се Србија, Северна Македонија, Грција и Бугарија. Главниот регионален центар на тоа влијание е Српската православна црква која донекаде е во слична ситуација како и Руската црква во посткомунистичкиот период.
Надвор од диецезата на СПЦ, руската црква ги контролира и наметнува влијание врз парохиите во Република Српска во Босна, Косово, Црна Гора и Хрватска, а има надлежност и над црквата во Северна Македонија. Карактеристично за руската црква е тоа што во континуитет се обидува да биде во цврста спрега со националистичките политички структури и со своето делување да се наметне како „наследник на Византија“, сатанизирајќи го притоа западниот свет НАТО и ЕУ како креатори на светскиот заговор против православието. Бара и успева да добие наклонетост на медиумите кои се залагаат за радикално православие. Ги користи за таа намена и руските бизнисмени и олигарси во регионот на Западен Балкан, помагајќи им да го форсираат руското влијание преку помош на локалните цркви или изградба на руски цркви во регионот. Најголемиот православен храм на Балканот, црквата св. Сава на Врачар во Белград е завршена токму со донација од Русија.
Руската „црковна дипломатија“ практично ја изградила и осветила црквата во Бања Лука, заедно со РускиОТ културен центар во овој дел на Босна. Чинот кој го величи претседателот на ентитетот Република Српска Милорад Додик и тамошниот руски амбасадор беше проследен со силна медиумска кампања.
Во Скопје, рускиот бизнисмен Самсоненко помогна во финансирањето на катедралната црква св. Климент Охридски и го финансира основањето и изградбата на Руската црква во Скопје. Користејќи го спортот како алатка за наметнување на руското влијание, Самсоненко се појавува и како сопственик и спонзор на фудбалски и ракометни клубови во Северна Македонија.
РУСКИОТ НАРАТИВ ВО МЕДИУМИТЕ
Присуството на Русија во информативниот простор на Западен Балкан е пресудно за ширењето на нејзиното влијание и пропагандата, пред сè, во „србосферата“, како тие самите ја нарекуваат, вклучувајќи ги тука Србија и Република Српска, но и Црна Гора и Косово, а во извесна смисла и Северна Македонија, како подрачја блиски на српското јазично подрачје. Тенденција е на Балканот да се промовира руска надворешна политика како единствено исправна и праведна. Владимир Путин да се претстави во позитивно, дури славеничко светло, а Русија како историски сојузник и заштитник на Јужните Словени од непријателските сили на Запад.
Притоа, се прават напори, што е можно повеќе да се сатанизираат западните медиуми, западната демократија како декадентна, ЕУ и НАТО како креатори на светски заговор. Рускиот наратив во медиумите врз кои има влијание е „НАТО е во криза“ и „Европската унија се распаѓа“. Темата „братство со Русија“ е вградена во уредувачките политики на медиумите во Западен Балкан кои се во орбита на руското влијание, пред сè, преку агенцијата Спутник. Спутник има цела една медиумска машинерија на српски јазик, која во регионот делува како агрегат на лажни вести преку веб страницата, преку радио станицата. Вестите на Радио Спутник достапни се преку мрежа на повеќе од триесет регионални станици и онлајн медиуми кои се поврзани со високотиражните таблоиди како што се Блиц, Курир, Информер, Вечерње Новости, и Б92. Понатаму, овие „вести“ патуваат преку границите на Србија на поширокото српско јазично подрачје и јазиците блиски до српскиот, вклучително и во Северна Македонија, каде што ги пренесуваат локалните медиуми блиски до националистички и анти-НАТО и анти-ЕУ структури.
Критичарите, вклучувајќи ја и платформата на ЕУ против дезинформации која ја сервисира Европската служба за надворешно делување во континуитет ја обвинуваат агенцијата Спутник за ширење лажни вести и промоција на теориите на завера.
Спутник не е сам во ширењето на руското влијание. Тука се и другите платформи на руската влада чии содржини допираат до локалната публика на Западен Балкан како што се Русија Сегоднаја, РБтХ – Russia Beyond the Headlines (RBtH) која со информации ја снабдува и етаблираната белградска „Политика“ која заедно со Курир, Ало и Спортски телеграф, во своите содржини во континуитет ја величаат Русија, ја промовираат заедничката култура, блискоста на јазикот и ги сатанизираат ЕУ и НАТО. Тој наратив е дополнет со „српската победа над Косово, ако треба и со помош на руското оружје“.
Меѓутоа, разни анкети во регионот покажуваат дека младата генерација, дури и оној дел кој го поддржува сојузништвото со Москва, идеолошки е ориентирана кон Запад и порасположени се да патуваат на работа, студии или усовршување во западна Европа, а не во Русија. Руската култура и јазикот иако имаат ограничен домет, но Москва, сепак, агресивно ги протежира низ јавни иницијативи и за културна соработка во Северна Македонија.
КОВИД ДИПЛОМАТИЈА
Ковид дипломатијата е алатка во хибридната стратегија, која се појави со почетокот на ковид пандемијата пред повеќе од една година. Се протежира руската вакцина како најдобра во светот, се величаат нејзините ефекти, а со критички тон се зборува за европскиот здравствен систем и европските вакцини. Преку лажните вести и пропагандата, користејќи ја состојбата со вакцините во борбата против корона вирусот, големите држави вршат притисок врз владите во регионот. Македонија не е имуна на таквиот притисок, вели првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Ерол Муслиу за ЦИВИЛ МЕДИА:
„Ние сме изложени на хибридни напади од страна на Русија и како мала земја мораме на хибриден начин да се браниме од тие влијанија вели Муслиу. Затоа развиваме хибридна соработка со службите од пријателските земји каде акцентот е ставен на размена на информации од разузнавачки и безбедносен карактер“.
САД и ЕУ не сметаат дека кампањата со вакцинации на странските државјани во Србија е позитивна приказна. Виола фон Крамон-Таубадел смета дека внатреполитичките структури во ЕУ ги занемаруваат геополитичките импликации на процесот на вакцинација во Србија, пред сè, кога станува збор за руската вакцина Спутник. Посебно поради тоа што ЕУ има испратено во Србија огромна помош во медицинска опрема за што во српските медиуми многу малку и во негативна конотација се пишува, а многу позитивно и континуирано се пишува за руската вакцина Спутник. Тоа не е случајно, зад тоа стои систем.
Министерот за здравство на Германија Јенс Шпан е уверен дека Русија со помош на вакцината го засилува своето влијание во Европа и Западен Балкан и ги остварува своите геополитички цели. Тој предупредува дека Русија ја снабдува Србија со вакцина која се шири низ регионот. Србија од една страна сака да стане членка на ЕУ, а од друга страна и прави геополитичка промоција на Русија преку вакцината и „корона дипломатијата“ – оценува Шпан.
Очигледно е дека Русија со помош на вакцината применува нова стратегија во надворешната политика и се обидува да го прошири своето влијание во Европа, посебно во постсоветскиот простор и во Западен Балкан.
„Европската унија мора да мисли на регионот на Западен Балкан од хуманитарни причини, но мора и да ги штити своите геополитички интереси. Русија, заедно со Кина, во моментов има геополитичка предност кога зборуваме за вакцина-дипломатијата на Западен Балкан, вели за Дојче Веле Игор Пеличери, професор по меѓународни односи на универзитетот во Урбин.
„Интересно е тоа што се случува во Западен Балкан, каде што донаторите секогаш биле ЕУ и Америка. Нив одеднаш ги нема, а се појавува Русија. Не е изненадување што Русија и Кина ја играат таа игра, но е изненадување што Запад не ја започна таа трка прв. Тоа ќе мора бргу да се реши доколку се сака рамнотежа во сегашните геополитички односи. Пружање на државна помош е легитимен инструмент на надворешна политика, но треба секогаш да се води сметка каков интерес има оној кој ја дава таа помош. Донаторот често има поголем политички интерес, отколку оној кој ја примил помошта. Така што, во овој момент, со ковид дипломатијата, политичкиот интерес на Русија е јасен“ – вели Пеличери.
Нема сомнеж дека вакцината против Ковид би требало да биде политички неутрален медицински ресурс кој е наменет да ги спасува човечките животи. Меѓутоа, очигледно е дека таа се дистрибуира според геостратешките сфери на влијание.
Професорот Пеличери вели дека во оваа ситуација, следејќи ги геостратешките влијанија, можеме да зборуваме за источна „политичка вакцина“ и западна „економска вакцина“. Двете имаат иста медицинска цел, но различни политички цели. Источната е државна од сите аспекти, од планирање, преку научни истражувања до производство и дистрибуција. Источната вакцина се дели врз основа на интересите на надворешната политика на Русија и таа во оваа ситуација е чисто геополитички инструмент.
Пеличери вели дека на Запад имаме ситуација сите ние и нашите влади да зависат од приватните фармацевтски компании и нивната вакцина не е директно политичка.
Како и да е, пред нас се силни предизвици кои ги наметнува руската пропаганда и геополитички игри, кои ни оддалеку не се едноставни за разбирање, а уште помалку за справување.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.