Рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов, беше повикан на разговор од страна на Европската Унија денеска поради руската инвазија на Украина, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Рускиот амбасадор го прими генералниот секретар на Европската служба за надворешна акција, Стефано Санино, во име на цела ЕУ.
ЕУ му пренела на рускиот амбасадор Чижов дека рускиот напад врз Украина најостро се осудува, дека тој бил неиспровоциран и неоправдан и бара да му биде пренесено на рускиот претседател Владимир Путин под итно да им стави крај на воените дејствија и да ги повлече трупите безусловно од целата територија на Украина.
Санино му рекол на Чижов дека лидерите на ЕУ вечерва ќе се усогласат за силен одговор на руската агресија во облик на пакет на строги санкции на секторско и индивидуално ниво.
Руската амбасада во Брисел од своја страна испрати соопштение по средбата во кое нагласува дека амбасадорот „детаљно му ги објаснил причините“ за руските воени дејствија и одлуката да се признаат самопрогласените народни републики на Доњецк и Луганск.
Руската страна истакнува дека „унилатерални рестриктивни мерки се нелегитимни“ на ЕУ и дека тие можат само дополнително да ја влошат состојбата и односите помеѓу Русија и ЕУ.
Амбасадорот додал дека Русија неизбежно ќе одговори со противмерки.