Божидар Јововиќ, граѓански активист и дел од иницијативата „Скопје сака чист воздух“, вчера попладне се соочил со непријатна ситуација, или како што вели самиот, причинета му е неправда во автобусот број 65 на ЈСП, на релација од Ченто до Државна болница.
Јововиќ тргнал на лекар, и во брзање ја заборавил картичката за слободно возење. Од картичките што ги имал со себе не бил сигурен дали треба да се дополнат или не. Единствена проверка на картичките може да се изврши во автобусот.
Јововиќ, знае дека е негова грешка што заборавил, но пред да влезе во автобусот им објаснил на шоферот и кондуктерот и им ја дал картичката да ја проверат.
Сепак, контролорите не биле толку љубезни. Од една страна му дозволиле да се качи, а од друга страна му пишале казна од 1000 денари за неплатен билет.
Јововиќ е револтиран од односот на вработените во ЈСП, насилното однесување не само на контролорите, туку и е незадоволен од односот на полицаецот кој не сакал да ја чуе неговата страна од приказната.
„Го испразнија целиот автобус, а мене не ме пуштија… Луѓето надвор беа револтирани од она што на сите ни го направија. Ја осетија неправда кон мене… Не бегав, туку сакав да викам полиција и медиуми… Уште поголем проблем настана кога дојде полицаецот. Тој во старт ме прогласи за виновен и не сакаше да ме слушне што јас имам да кажам“, вели Јововиќ.
Тој бара од ЈСП да преземе мерки и да си ги среди пунктовите за да може и во нив да се проверува колкава е важноста на картичките.
„Не сум единствен што се жали од нив… Многу ми е криво што градските служби и ЈСП немаат слух за граѓаните. По ова што го доживеав свено одлучив да протестирам, односно да изразам граѓанска непослушност. Мислам дека само тоа е начинот. Не сакам да дозволам некој да мајтапи со мене. Верувајте, ми навреа солзи во очите од неправдата што ја доживеав“, вели Јововиќ.
Од Внатрешна контрола на ЈСП во телефонски разговор рекоа дека не се запознаени со случајот, а револтираниот граѓанин може да ги пријави контролорите во нивните простории, соба број 2.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски