Во изводите на Избирачкиот список за вториот круг на Локалните избори се запишани вкупно 833.716 гласачи, кои ќе можат своето избирачко право да го остварат на едно од 1517 избирачки места во 35 општини, извести Државната изборна комисија.Утре, на 28 октомври, ќе гласаат избирачите кои се на издржување казна затвор или се во притвор. На гласачките места во 13 казнено поправни установи своето избирачко право ќе можат да го остварат 939 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи ќе бидат отворени во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
Во текот на утрешниот ден своето избирачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе можат да го остварат и 8 гласачи кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на утрешниот ден избирачките одбори во Република Македонија ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни или немоќни, или во куќен притвор, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови избирачкото право ќе го остварат 1.435 граѓани.
Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми. Државната изборна комисија за Локалните избори издаде акредитации за набљудување на вкупно 5.101 домашни, 473 странски набљудувачи, 315 преведувачи и 20 странски новинари.