САД му пренеле на Хамас нов пакет предлози за сеопфатен договор за примирје во Газа и ослободување на заложниците, јави денеска израелскиот јавен сервис „Кан“.
Според истиот извор, документот не е конечен, туку претставува преглед на можни насоки за идни преговори, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Медиумите наведуваат дека предлозите биле пренесени преку Герсон Баскин, клучен израелски посредник во договорот за ослободување на израелскиот војник Гилад Шалит во 2011 година. „Канал 12“ јавува дека Баскин, кој е во контакт со висок функционер на Хамас, Гази Хамад, ги добил документите од специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф.
По месеци разговори за делумен договор, премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе разгледува само сеопфатен договор кој би значел ослободување на сите 48 заложници во Газа.
Хамас вчера соопшти дека е отворен за секој договор што ќе стави крај на војната, со целосно израелско повлекување, неограничен пристап на хуманитарна помош и исполнување на други барања.
Извор: МИА