Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, Амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ, Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски и политичкиот аналитичар, д-р Сашо Орданоски ќе говорат на панел дискусијата „Членството на Република Македонија во НАТО: Задачи, предизвици и можности“, утре (четврток, 8 февруари 2018), во хотел Сити Парк, со почеток во 13 часот.
Прашањата на кои ќе одговараат панелист(к)ите се однесуваат на задачите кои треба да се завршат во процесот на зачленувањето на Македонија во НАТО, дали спроведувањето на активностите во рамките на процесот гарантираат транспарентност на институциите и почитување на човековите права и слободи, како и на предизвиците и можностите кои се отвораат во овој процес.
Исто така, панелист(к)ите ќе се обидат да дадат одговор и на прашањата дали ризикот од тероризам ќе се зголеми или ќе се намали, како и на тоа колку членството во НАТО ќе придонесе кон јакнење на политичката стабилност и демократијата. Дискусијата ќе ја води Џабир Дерала од ЦИВИЛ, кој ќе им даде збор и на присутните, но ќе ги достави и прашањата од јавноста кои ќе бидат доставени онлајн преку формуларот за комуникација со организацијата.
На панел-дискусијата се поканети медиумите, претставници на граѓанското општество, институциите и сите заинтересирани граѓанки и граѓани. ЦИВИЛ Медиа ќе продуцира видео и фото материјали кои ќе бидат достапни за преземање. Настанот го организира ЦИВИЛ, како дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.