Синдикалните организации на дневните весници „Дневник“ и „Утрински весник“ му испратија известување на менаџментот на „Медиа Принт Македонија“ дека отпочнуваат со штрајк и им дадоа рок од 15 дена да преговараат со нив за исплата на плати и за здравствено осигурување.
„Во известувањето за штрајк на менаџментот му дадовме рок од 15 дена да преговара со нас, но доколку и по тој рок не се согласат на разговори, веќе на 17–ти февруари ќе започне четиричасовен штрајк кој два дена ќе се одвива во просториите на редакциите и пред седиштето на МПМ, а по тие два дена, бројот на часовите за штрајк ќе се зголемува за сметка на работното време!“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, синдикалниот лидер во „Утрински весник“, новинарот Љубиша Станковиќ.
Одлуката за штрајк доаѓа по повеќемесечни обиди на вработените да седнат на заедничка маса со сопствениците и менаџерите на МПМ за да разговараат за наталожените проблеми во компанијата, а пред сé, за исплатата на плати и на здравствено осигурување.
„Нашите заложби за разговор остаана само наша пуста желба, бидејќи другата страна не даде никаков одговор. Новинарските синидикати, последен пат, пред една седмица, испратија ново барање за средба, но и на тоа барање нема никаков одговор, иако работите сé повеќе се усложнуваат“, додава Станковиќ.
Од весникот „Вест“ сé уште не донеле одлука за штрајк, но ја поддржуваат одлуката на колегите од „Дневник“ и „Утрински весник“.
Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ) го подржува штрајкот на новинарите и потенцира дека намалувањето на тиражите на весниците не е поради лошото работење на новинарите и медиумските работници, туку е последица на менаџирањето што го урна кредибилитетот на весниците коишто беа лидери во индустријата на печатените медиуми и вистински креатори на јавното мислење во Македонија.
„Проблемот со платите на вработените во МПМ тлее неколку месеци, Синдикатот се обидуваше да најде заеднички јазик со раководството, меѓутоа и покрај сите заложби и ветувања од негова страна, многу малку беше направено да се излезе во пресрет на нашите членови и затоа револтот резултираше со одлука за штрајк“, соопштуваат од Синдикатот.
Дехран Муратов