Вработените во загубарот „Еурокомпозит“ бараат плати! Го активираа штрајкот, зашто не се исполнети ветувањата од спогодбата што ја потпишаа на 28 јуни, со Владата и со менаџментот на фирмата.
„Бараме да ни бидат исплатени до 15 август уште две плати, како што ни ветија. Веднаш по потпишувањето на спогодбата, со директорот Марјан Додовски и со вицепремиерот Кочо Анѓушев, ни беше исплатена една плата. Оттогаш, ништо. Меѓу 20 и 25 јули, ни беше ветена уште една плата, но пари нема. Штрајкот ќе го радикализираме, зашто одговор за проблемот не добиваме ниту од Владата, и покрај постојаните дописи“, велат од Синдикатот на прилепскиот загубар.
Според директорот Додовски, проблемот е во вработените, коишто не ги исполнуваат договорените норми во производствениот процес.
„Не може сите вработени да бидат заложници, на една банда од триесеттемина. Тоа не смее да се дозволи! Работа има, но луѓето треба да почнат да работат и да ги исполнуваат нормите, да ги испочитуваат и својот дел од преземените обврски со спогодбата“, вели Додовски.
Тој смета дека прашањето на овој загубар, ќе се реши, кога дел од 280 работници, своеволно ќе си заминат како технолошки вишок, но Владата треба да обезбеди средства за поволни социјални пакети.
Моника Талеска