„А суштината е во нешто друго: јасно е дека опозицијата, и покрај „бустот“ од самоволно најавените оставки на премиерот, ја оплеска својата политичка предност барем на догледен рок, па наместо да го капитализира добриот изборен резултат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, се избрзаа, се истрчаа, ги зачешаа прстите на твитер и фејсбук, тргнаа по паметот на Левица и, нормално – се посрамотија. Ја тресеа гората десетина дена, за на крајот да се роди глувче.“, можете да прочитате во колумната на Сашо Орданоски „Се тресеше гората, се роди глувче!“.
„Пресот на лидерот Мицкоски, пред неколку дена, ме инспирираше да продолжам да ги малтретирам новите градоначалници со прашања и предлози. Пред камерите и застанат пред сите нови носители на функцијата градоначалник тој ги објави насоките за идното нивно делување. Изгледа ова е втор дел од неговото писмо „до Градоначалникот“ кога сѐ уште беа кандидати.“, прочитајте во колумната на Војо Маневски „Три проекти, а желби сто!?“.
ЗДРАВСТВО Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок на кој, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на состојбата со Ковид-19 во државава.
– Епидемиолошката состојба во земјава бележи зголемување на новодијагностицирани со Ковид-19 почнувајќи во периодот од пред две недели. Анализите покажуваат дека процентот на новодијагностицирани случаи и минатата во однос на претходната недела е зголемен за 25 проценти. Расте и Р0 факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, што е јасен индикатор дека сега ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка состојба што ја имавме во претходниот долг временски период, истакна Филипче.
ПРЕЗЕНТАЦИЈА Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска во Прес-центарот на МИА ќе ги презентира наодите и заклучоците добиени од вториот извештај за напредокот на Република Северна Македонија при спроведување на активностите предвидени во Националниот Акциски План (2018-2023) за имплементација на Истанбулската Конвенција.
Извештајот, како што информираат од Националната мрежа, го опфаќа периодот од ноември 2020 до мај 2021 година и е продолжение на извештајот објавен во декември 2020 година, кој ги опфати првите две години од спроведувањето на НАП-от.