Нападите на рускиот агресор со интензивни воздушни напади врз Кијив и Кијивската област продолжи и на 2 септември, веќе седми последователен ден. Според украинските власти и меѓународните агенции, најмалку седум лица се повредени во Кијив, додека во Кијивската област се повредени уште две лица, а оштетени се домови, магацини и друга цивилна инфраструктура.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди дека Русија ги продолжува нападите врз главниот град и неговата околина.
„Ден 1652. Во среда, 2 септември, рф ја продолжи својата кампања на интензивни гранатирања врз Кијив и областа со реактивни дронови, која трае речиси една недела. Повредени се најмалку седум лица. Потребна е ПВО за 🇺🇦 и санкции за рф. #RussiaIsATerroristState #StandWithUkraine“, порача Дир.
Ден 1652. Во среда, 2 септември, рф ја продолжи својата кампања на интензивни гранатирања врз Кијив и областа со реактивни дронови, која трае речиси една недела. Повредени се најмалку седум лица. Потребна е ПВО за 🇺🇦 и санкции за рф.#RussiaIsATerroristState#StandWithUkraine pic.twitter.com/1tWg10h39Q
— Larysa Dir (@dir_larysa) September 2, 2026
Во Кијив, руски дрон погодил шесткатна станбена зграда во Шевченкивскиот реон, при што дел од објектот бил оштетен или делумно урнат. Во Холосијивскиот реон избувнал пожар на територија на образовна установа, а украинските извори јавуваат и за оштетена медицинска установа. Според колегите од новинската агенција Укринформ, бројот на повредени во главниот град се зголемил на седум, од кои пет лица биле хоспитализирани.
Нападите не беа ограничени само на Кијив. Според Укринформ, во Кијивската област две лица се повредени, а оштетени се приватни куќи и магацински објекти.
Во Одеската област, руските удари ја оштетиле енергетската инфраструктура и предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија во голем дел од регионот. Светските новински агенции објавија дека нападите врз Кијив влегле во седмиот ден, додека Одеската област била погодена со масовен напад врз енергетска инфраструктура.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во ноќта кон 2 септември нападнала со две балистички ракети „Искандер-М“, две наведувани авионски ракети Kh-59/69 и 174 ударни беспилотни летала, вклучително и „Шахед“, реактивни дронови, „Гербера“, S8000 „Бандерол“ и дронови-мамки. Украинската ПВО соборила или неутрализирала 141 воздушна цел.
Посебно загрижувачка е зголемената употреба на реактивни дронови, кои се побрзи и потешки за пресретнување од постарите модели. Associated Press јави дека околу половина од 174-те дронови употребени во нападот биле реактивни, додека украинската одбрана се соочува со комбинирани напади што траат со денови.
Оваа нова серија напади доаѓа веднаш по масовниот руски удар во ноќта кон 1 септември, кога во Кијив и околината загинаа најмалку 12 лица, а десетици беа повредени. Укринформ јави дека само при балистичкиот напад врз железничка инфраструктура во Кијив загинале седум лица, меѓу нив шестмина железнички работници.
Русија повторно тврди дека напаѓа „воени цели“, но последиците на теренот покажуваат поинаква реалност: станбени згради, медицински установи, училишта, енергетска инфраструктура, магацини, домови и работни места се под постојан удар. Ова е модел на исцрпување и терор врз цивилното население, со цел да се држи главниот град и неговата околина во речиси непрекината воздушна тревога.
Пораката на амбасадорката Дир ја сумира украинската потреба: ПВО за Украина и санкции за Русија. Во практична смисла, тоа значи повеќе противвоздушна и противбалистичка одбрана, повеќе ракети-пресретнувачи, но и посилен притисок врз руската воена индустрија, финансиските канали, производството на дронови и ракетни компоненти, како и сите посредници што му овозможуваат на Кремљ да ја продолжи оваа кампања.
Седум дена речиси непрекинати удари врз Кијив не се воена случајност, туку стратегија. Русија се обидува да го претвори секојдневниот живот во Украина во постојан режим на страв, тревоги, урнатини и исцрпување. Демократскиот свет мора да реагира побрзо и да помогне во заштитата на украинското небо, да ги засили санкциите и да бара одговорност за секој напад врз цивилите.
Џ. Дерала












